ТРАДИЦИИ : ДИМИТАР АНДОВ ПАПРАДИШКИ

Последниот македонски зограв

РЕТРОСПЕКТИВНАТА ИЗЛОЖБА НА НАЦИОНАЛНАТА ГАЛЕРИЈА НА МАКЕДОНИЈА, ПРЕКРАСНИТЕ ТРУДОВИ НА ПРОФ. Д-Р ВЛАДИМИР ВЕЛИЧКОВСКИ И ВИШИОТ КУСТОС НА НАЦИОНАЛНАТА ГАЛЕРИЈА СЛАВИЦА АЛЕКСОВСКА СЕ ЕДНАКВИ НА ПОДВИГ ВО НАШЕТО КУЛТУРНО ЖИВЕЕЊЕ. ТИЕ УШТЕ ЕДНАШ ГО ДОБЛИЖИЈА И ГО АКТУЕЛИЗИРАА ГРАНДИОЗНОТО ДЕЛО НА ПОСЛЕДНИОТ МАКЕДОНСКИ ЗОГРАФ КОЈ ЈА НАСЛИКА ИКОНАТА ВОЗНЕСЕНИЕ ХРИСТОВО - РЕМЕК ДЕЛО ВО ИКОНОГРАФСКАТА УМЕТНОСТ.

Димитар Андов Папрадишки е последниот македонски зограф и еден од втемелувачите на современата македонска уметност. Тој, како што пишува проф. д-р Владимир Величкоски, го извршил историски значајниот преод од средновековниот византиски идиом кон штафеларно маслено сликарство со профани теми (граѓанскиот портрет, пејзажот како самостоен вид, фигуративните композиции со историски и фолклорни теми) остварувајќи проткајување меѓу хетерогените стилски, тематски и содржински компоненти.
"Делото на Папрадишки се наоѓа во темелите на преодниот период од кога во уметноста со средновековна провениенција се преминува кон создавање уметност со некои модерни белези", истакна Величкоски на ретроспективната изложба што Националната галерија на Македонија ја отвори во април годинава. Славица Алексоска, виш кустос во Националната галерија-Скопје, воедно и организатор на изложбата, истражувајќи го животот и делото на Папрадишки, ќе забележи дека Папрадишки, последниот македонски зограф и прв сликар на профаното сликарство, во 1882/3 година се запишал на Художествената иконографска школа во Киев кај професорот Вишњенски, учествувал на конкурсната изложба на престижната московска Академија за прием на редовно школување. Тогаш ја насликал иконата "Вознесение Христово" за која добил награда од 1000 рубљи, сребрен медал, а истовремено бил примен на редовно школување со стипендија. Но, од семејни причини морал да се врати во родната Македонија, во велешкото село Папрадиште, да му помогне на татко му и никогаш повеќе не се вратил во Москва да ги продолжи студиите. -Тешкиот печалбарски живот го водел Папрадишки од Јадранското до Црното Море. Се нижеле цркви и попатни икони од Херцеговина, преку Банат, до Бугарија и родната Македонија. Во овие години Димитар Папрадишки стапил во личен контакт со Гоце Делчев и Даме Груев и спонтано се приклучил на национално-ослободителното движење. Ова, најверојатно, се случило во 1896 година кога Андонов сликал во црквата "Св. Богородица" во штипското Ново Село каде истовремено Гоце Делчев ја вршел должноста учител во истото село од 1894-96 година. Подоцна, како "неблагонадежен" бил затворен во Велес, а потоа префрлен во косовско митровичкиот затвор од каде бил пуштен по склучувњето на Букурешкиот мировен договор во 1913 година. Во 1919 година Папрадишки се преселил во Скопје каде во старата чаршија отворил свое ателје во кое го посетувале идните ученици: Лазар Личеновски, Никола Мартиновски, Томо Владимирски и други - ни рече Славица Алексоска, ангажиран научен проследувач.
На ретроспективната изложба, отворена во "Чивте амам", беа изложени седумдесет ликовни дела (икони и масла) и сликарскиот прибор на Папрадишки. Покрај иконите и фреските, кои се негова трајна преокупација, Андонов слика и портрети, историски настани, етномотиви и пејзажи. Неговите дела, покрај оние во црквите и манастирите во Македонија и Србија, се наоѓаат и во музејски приватни збирки во Македонија, Србија и Бугарија. -Во 1890 година бил повикан во Софија да наслика неколку портрети на видни личности: митрополитот Партенија, претседателот на општината- Петков, секретарот на општината - Кулев, П. Славејков, Крапчански, Н. Распопов, Андреев и други. Со своето творештво тој влијаеше врз ликовните случувања во Македонија - рече Славица Алексоска. Димитар Андонов Папрадишки умрел во длабока старост, физички изнемоштен и болен, на 4 јануари 1954 година. Умрел со четка во раката. Последните денови од својот живот, освен на сликањето, ги посветил и на размислување за животот и смртта. Истражувајќи го неговиот живот, госпоѓа Алексоска дошла до една негова белешка за смртта.
- "Смртта не е прекинување на се. Смртта е само едно повлекување на снагата од природата. Духот останува - ако постоел!" - забележал Папрадишки.
Иако академски докрај недооформен, тој ги прифатил новите западни струења во ликовната уметност. Школувањето во Киев, посетата на Москва, Дрезден, Србија и Света Гора придонело Андонов да израсне во автентичен сликар со модернистички тенденции.
Во црковното творештво суштината е блиска на православниот дух, на убавината, мирот и бесплотноста. Сликата требало да биде разбирлива, на пример, портретот да личи, а пејзажот да се препознае. Покрај иконата, младиот граѓански слој сакал да има портрет, кој меѓу другото, го претставувал нивниот социјален статус - забележа Владимир Величкоски, додавајќи дека Папрадишки го следел сопствениот пат не обѕрнувајќи се на современите појави на пленеризмот или импресионираниот реализам во делата на Никола Мартиновски, Лазар Личеновски, Вангел Коџоман и други.
Папрадишки создал дела кои се јасно конципирани, умерени и постојани во изразот.
Ретроспективната изложба на Националната галерија на Македонија, прекрасните трудови на проф. д-р Владимир Величковски и вишиот кустос на Националната галерија Славица Алексовска се еднакви на подвиг во нашето културно живеење. Тие уште еднаш го доближија и го актуелизираа грандиозното дело на последниот македонски зограф кој ја наслика иконата "Вознесение Христово" - ремек дело во иконографската уметност.

Атанас Тасевски

Поврзани

Најнови вести

Коментари