По 21.пат

Почнаа Голачки фолклорни средби во Делчево

„Голачки фолклорни средби" се со ревијален карактер, а секој од пријавените учесници настапува со 10-минутен избор од својот репертоар

На планината Голак кај Делчево денеска се одржува 21. издание на Меѓународниот фестивал „Голачки фолклорни средби".

Фестивалот кој започна синоќа со дефиле на учесниците низ улиците на Делчево, при што се претставија бројни фолклорни групи, ансамбли и Културно-уметнички друштва од Бугарија, Србија, Турција и од повеќе градови на нашава земја, е во организација на Општина Делчево и Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров". 

„Голачки фолклорни средби" се со ревијален карактер, а секој од пријавените учесници настапува со 10-минутен избор од својот репертоар.

На сите учесници организаторите им доделуваат благодарници и плакети за учество.

Почесен настап на фестивалот ќе има Фолклорната група „Копачка" од село Драмче, која беше добитник на специјалното признание на годинашниве „Илинденски средби" во Битола.

На Голак во Манастирскиот комплекс на манастирот „Св. Панталејмон" вечерва и утре се одржува и традиционалниот црковно-народен собор, што го посетуваат илјадници верници и граѓани од Пијанечко-малешевскиот крај.

Поврзани

Најнови вести

Коментари