ГРАДСКА АРХИТЕКТУРА ВО СТРУМИЦА

Отворена реставрираната Турска пошта од 19. век

Во Струмица вчера беше отворен реставрираниот објект познат како "Турска пошта". Според министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, се работи за еден од најубавите примероци на старата градска архитектура во градот Струмица, реставрираната куќа на Арсови или зданието на некогашната турска пошта во стариот дел на градот.

"Реализацијата на овој проект што го промовираме е уште едно практично докажување на фактот дека старите културни доблести мора да се ревитализираат низ низа активности. Зданието импресионира со своите пропорции и во стилско-естетското обликување има влијание од западноевропската архитектура - кубизмот. Сепак, зачуваните карактеристични елементи на староградската архитектура ни овозможуваат да го вброиме во ретките градби со споменични вредности кои ја обликувале визурата на некогашна Струмица", изјави на отворањето Канческа-Милевска. Таа додаде дека токму тука може да се почувствува здивот на историјата и одблизу да се допрат ѕидините на еден од последните примероци на македонската народна традиција по која овој град некогаш бил надалеку познат.

За целосната конзервација, реставрација и ревитализација на овој објект во кој ќе биде сместена и изложбената етнолошка поставка Министерството за култура издвои 3.770.000 денари. Овој споменик на културата, кој во одреден период функционирал како турска пошта, е изграден во 19. век и според своите карактеристики, спаѓа во редот на најрепрезентативните споменици на градителството во Струмица.

(Д.Т.)














Поврзани

Најнови вести

Коментари