Велосипедска тура

Откриено културното наследство на Прилепското поле

Преку 120 велосипедисти од земјава и од регионот викендов имаа можност да се запознаат со културното наследство низ Прилепското Поле

Преку 120 велосипедисти од земјава и од регионот викендов имаа можност да се запознаат со културното наследство низ Прилепското Поле. Настанот беше најавен како велосипедска прошетка, која предизвика огромен интерес.

"Се радувам што учесниците се задоволни и што сакаат да го видат и да ги слушнат приказните поврзани со културното наследство на Република Македонија", вели Бојан Ранташа од Одржливи иницијативи.

Учесниците имаа можност да ја посетат најстарата црква во Варош, Прилеп, "Св. Никола", да влезат во спомен-домот на Блаже Конески, да се освежат со "Мивела" вода збогатена со магнезиум, да пробаат локални слатки, да го посетат спомен-домот на светски најдобрата гајда, Пеце Атанасовски, да го видат прекрасниот фрескопис во манастирот "Св. Никола", Слепче, да пробаат вистински традиционален леб од "Фурна Алекс" заедно со прилепско биено сирење... Беше посетена и црквата "Св. Богородица", Костинци, велосипедистите се качија и до манастирот "Св. Преображение", Зрзе, го видоа и најстариот даб во Кривогаштани...

"Гостопримството и љубезноста на домаќините, пак, само придонесе за впечатокот да биде посилен, така во Долнени засвире гајда од мајсторот Михаил Петрески, во манастирот над Зрзе монасите понудија чај со локум, а во Кривогаштани го подготвија јадењето за да се надоместат изгубените калории", додава Ранташа.

Караван-тимот од Србија, воодушевени од турата, веќе се спремаат за повторна посета на Македонија на 11 октомври, кога велешките велосипедисти најавуваат нова велосипедска тура со многу велешки пити (пастрмајлии).

Поврзани

Најнови вести

Коментари