Танц фест по 11. пат

Наградата Менада за Емилија Џипунова

Врвното признание ќе го добие Емилија Џипунова, припадник на првата генерација балетски уметници, кои оставија траен белег во создавањето на балетската уметност во Македонија

Фестивалот Танц Фест годинава ќе се одржи по единаесeтти пат, а ќе го одбележи богата програма, интернационален танцов натпревар, многу значајни гости од странство, како и доделувањето на наградата за врвни достигнувања во областа на танцот, Менада.

Овој пат ова врвно признание ќе го добие Емилија Џипунова, припадник на првата генерација балетски уметници, кои оставија траен белег во создавањето на балетската уметност во Македонија.

"Таа постојано ја следи македонската танцова сцена, посебно во областа на балетската критика, со што го остава пишаниот збор како доказ за нејзиниот развој и прави етеричноста на магијата на танцот да биде запишана засекогаш и оставена на следните генерации", велат од Интер арт, организатор на Танц фест.

Џипунова како балетски уметник на 13-годишна возраст станува член на првата балетска генерација во Македонија. Во 1949 година за прв пат како солист настапува во првата целовечерна балетска претстава "Бахчесарајски фонтан".

Се до нејзиното пензионирање во 1975 година, таа е неодминлив учесник во сите балетски претстави, настапувајќи како солист, вложувајќи се целосно во растежот и афирмацијата и како солист во повеќе од триесет балетски претстави на сцената на Македонскиот народен театар, во кои реализира значајни улоги, високо вреднувани од тогашната балетска критика.

Настапува со забележителен успех и во балетските сегменти на повеќе опери, изведувани на сцената на МНТ.

Поврзани

Најнови вести

Коментари