КЕЈОТ "13 НОЕМВРИ" НЕКОГАШ И СЕГА

НА СРЕДБА КАЈ МОСТОТ НА ЖАБАРОТ

Половина век на Кејот "13 Ноември", егизтира еден мал објект кој е жива легенда за овој дел од Скопје. Некогашната лимонаџилница, сегашна гостилница кај Жабарот е вистински жив историски споменик за случувањата на Кејот.Сопственикот на објектот кој малкумина во градот го знаат како Илија Саздов е стар скопјанец кои сограѓаните го нарекуваат по неговиот прекар Жабар.

Скопскиот Кеј "13 Ноември" се протега од двете страин на реката Вардар почнувајќи од Градскиот парк, поточно некогашната Женска гимназија па се до Железен мост или старото скопско маало Маџир Маало. Кејот ова име го носи од 1944 година од ослободувањето на градот, а пред тоа се нарекувал "Војвода Путник". Овој простор отсекогаш се сметал за најубавото градско шеталиште, велат старите скопјани и во нив се буди носталгија за минатите времиња и некогашното корзо, а кај младите генерации место каде што се случуваат поинакви содржини, но кои исто така се исполнети со многу љубов. На смиот почеток на Кејот, каде почнуваше некогашната улица "Беласица" пред шеесетина години се наоѓала работилницата на Миле-точкарот. До катастрофалниот земјотрес од 1963 година, на местото кај сегашната зграда на Владата, постоела некогашната Женската гимназија,Јосоп Броз, а каде што е Поштата се наоѓал покриениот пазар -Пасаж. На приземјето се наоѓал пазарот, а на горниот дел бил лоциран станбениот простор.Таму живеел познатиот оперски пеач Благоја Петров- Караѓуле кој загинал за време на земјотресот. До неа била зградата на францускиот колеџ, потоа Земјоделската банка и Офицерскиот Дом. Покрај Кејот, преку Плоштадот бил сместен и објектот на Народната Банка, а потоа во низа следувале мали трошни куќарки, кои биле разурнати и на нивно место по земјотресот е изграден Гранд-хотел, сегашен Холидеј ин. Кај некогашната позната продавница Дрво декор имало стар амам, кој веднаш по Војната во 1948 година е урнат, а денеска таму постои само старата зграда соственост на газдата на амамот Умер ,која во 1947 била првиот женски интернат. Просторот кај Железниот мост се користел како џафте козо, а целиот овој кварт во тоа време се нарекувал Мали орловец. Неколку убави згради го краселе просторот кој што истовремено бил и влез на Маџир маало. Денеска токму тука се наоѓаат згардите во кој е сместена Народната банка, поранешната Југо-Банка и Управата за јвни приходи- поранешен СОК.

ЖАБАР Веднаш до зградата на некогашната Женска гимназија, а од 1968 година новата зграда на ЦК, денешна Влада половина век на Кејот "13 Ноември", егизтира еден мал објект кој е жива легенда за овој дел од Скопје. Некогашната лимонаџилница, сегашна гостилница кај Жабарот е вистински жив историски споменик за случувањата на Кејот.Сопственикот на објектот кој малкумина во градот го знаат како Илија Саздов е стар скопјанец кои сограѓаните го нарекуваат по неговиот прекар Жабар. " Во државниот архив на Македонија има податок за дедо ми кој во 1926 година имал регистрирано фирма за сода вода. Со заспрега и колички тој ја продавал содата на минувачите по Кејот, а подоцна на оваа локација мојот татко ја отворил лимонаџилницата.За време на постоењето на убавите времиња во Југославија, познати спортисти како што се Шекуларац, Галиќ, Радивој Корач доаѓаа кај нас да се напијат од природниот сок од вишни, што го подготвуваше мајка ми" го започнува своето интересно раскажување Жабарот. Вистинскиот почеток на Кејот е од познатата градска плажа, што се наоѓала кај денешниот кајакарски клуб и се протегала до стара Кланица, денешно Острово. "Во тие години таа беше најпознатата плажа во Скопје, а над оваа плажа беше така наречена Руска плажа каде што одеа најсмелите пливачки, бидејќи на тој дел Вардар беше многу длабок. Еден дел од плажата се нарекуваше официрската плажа или три бомби, бидејќи тука за време на Војната паднале три бомби. На тој простор пред поплавата во 1962 година падна и еден авион. Како дете јас со количка тука продавав оранжада и се сеќавам на немилиот настан.Чичко Трајче електричарот за да спаси едно дете, авионот го удри и загина на лице место, а пилотот на авионот остана жив" објаснува тој . Меѓу пешачкиот мост и денешните мостови Гоце Делчев се наоѓаше еврејската плажа и Еврејското маало, каде имало широка ливада и атрактивна скокалница. Веднаш до нашата лимунаџилница беше сместен објектот на женската Гимназија, а сегашниот споменик на паднатите борци беше подолу каде што е сегашното крило на мостот Гоце Делчев од Чаршијата кон Илинденска, а со урбанизацијата тој е вратен наназад околу 100 метри, а кај што сега е поставен споменикот имаше многу убаво уреден парк. Кејот во тоа време беше направен со мермер , а подолу имаше една трафика и три тополи, каде што беше лоцирано познатото Дрвено мовче. Во тоа време Васил Кондоросов кој само што се беше вратил од Русија, со автомат тука им продаваше сода вода на минувачите. Мовчето ги поврзиваше двете страин на брегот на Вардар и одеше право во Народниот театар, а е срушено како последица на поплавата во 1962 година. Како последица на катастрофалниот земјотрес настрадал и објектот на Женската гимназијата.По неговото рушење во монтажни бараките таму била сместена сообраќајната полиција. Зградата на ЦК , сегашна Владата започна да се гради во 1968 година.

ПРЕКАР Како го добил прекарот Жабар, Илија Саздов за прв пат јавно открива. "Порано беа вистински хит шарените бомбони завиткани во целофан, со ластиче кои ги нарекувавме јојо. Но ние децата ги користевме ластичињата за забава. Правевме чаталчиња и со помош на ластичето ги погодуваме девојчињата. Во тогашната Женска гимназијата учеше Тања Топурковска, сестрата на Васил Топурковски и позната кошаркарката Ники кои често играа кошарка во дворот , јас ги нишанев со чаталот и ги погодував. Револтирани од моето однесување често ме бркаа, а јас како секое палаво дете кога бегав скокав. Мајка ми пак кога ќе ме видеше, ќе почнеше да вика по мене со зборовите доста скокаш како жаба дојди тука да ми помагаш во работата. Така се роди мојот прекар жабар" ни објасни Саздов . Кај денешен Метропол, се собираа пајтонџиите кои чекаа да превезуваат патници. На плоштадот возеа и двоспратните автобуси, а надолу во правец на Маџир маало се протегаше џафте корзо, симбол на постарите генерации и на девојките од ова маало кои за да не ги видат родителите, често скришум шетале. "Денеска, од левата страна на Вардар, останати се само објекти на старата зграда на Комерцијална банка и Ибни Пајко. "Целото Пајко маало е струшено за да се направи сегашниот театар. За мене тоа е трагедија, да се расели едно старо маало за да се изгради модерен објект, нема оправдување. Покоен Поп Боро е симбол за ова Маало, а негови синови се познатите глумци Коле и Владимир Ангеловски. Тука беше и старата црква Света Мина, а на потегот меѓу Камениот мост и Нови мост -Железен мост каде што порано имало црковен објект се возобновува Црквата " Богородица". На тој простор пред Војната со истото име иамло Црквата, која во 1944 ја запалиле Бугарите, а вредите икони ги украле" објаснува Саздов . Кај што е денеска Ману порано била Соколаната, по Војната таму се собирале младите и правеле забави и спортски натпревари. Животот на малдите тука се случувал, а денес на ова место е Домот на младите. А од другата страна на Вардар , на крајот на Кејот и ден денес негибнато остана старото скопско маало, Маџир маало. "Кај што е денеска Поштата таму постоеше Покриен Пазар- пасаж каде се продаваше храна. Објектот имаше два влеза, едниот од страната на Кејот, а другиот од улицата " Орце Николов" Потоа беше лоцирана работилницата и домот на резбарот Нестор и неговата сопруга, тетка Сирма. Невни син е Миле- Сирма познатиот тренерот по пливање.Тука беше сместена и налан бањата, околу која живееа повеќе ромски фамилии , па интересно е да се спомене дека од тука води потеклото и познатата наша ромска пеачка, Есма Реџепова" раскажува Саздов. Кога се зборува за Кејот не може да се заборави Калето, кое како тврдина доминира. Години наназад овој простор го користат ромите како место за прослава на празникот Ѓурѓовден, па затоа и Саздов смета дека на Калето не треба да се гради Амбасада. Тој се присеќава дека со големите поплави од 1979 година Пешачкото мовче беше спремно за минирање, за да не се излее реката. Но кога се затворил каналот кај Опатија, драстично се намалило нивото на водата и објектот е спасен. Пријателите ми кажаа една интересна анегдота, која навистина многу ми годи. Младите генерации кога се договараат за средби велат "Ќе се видеиме кај Мостот на Жабарот". На крајот сакам да го пофалам скопскиот градоначалник Пенов, што успеа да го ревитализира Кејот, поставувајќи нови украсни светилки, патеката за велосипедисти и ролери. Но и покрај тоа на овој скопски простор покрај реката Вардар му фали живост. Треба да му се дозволи на младите стопанственици да инвестираат и да направат многу дуќанчиња на столбови. Со тоа ќе се добие прекрасна живот на Кејот, како што е направено во Варшава, Полска со многу уметнички галерии, дуќанчиња, угостителски локали,каде има постојано голема посетеност на туристи. Кејот е живот на Градот, особено во лето кога сите шетаат покрај Кејот . Но за жал во последно време нема адекватни содржини и затоа на градските власти Саздов им порачува посериозно да се заминат со овој скопски простор, зашто Кејот е еден од белезите на Скопје. Ако Кејот ја загуби својата оргиналност и Градот ќе го изгуби автентичниот изглед. Така Скопје ќе стане Град без лична карта,а тоа е најлошото што може да му се случи смета Саздов.

Валентина МАРЈАНОВИЌ ФОТО:А.ИВАНОВСКИ

Поврзани

Најнови вести

Коментари