Продолжуваат истражувањата

На локалитетот Горна Порта-Охрид откриени атрактивни артефакти

Во гробниците од македонско-хеленистички период кои се со гробни конструкции од необработен камен, досега пронајдени се најразлични прилози карактеристични за периодот на погребување како керамички амфори, калапени чаши, делови од војничка опрема - копја, ножеви, накит - златни обетки со негроидни глави и со претстави на ерос, ѓердани со мониста од стаклена паста, привезоци, фибули и прстени, а во три гроба се пронајдени и бронзени садови

Продолжуваат истражувањата на локалитетот Горна Порта во Охрид, каде што за прв пат беа откриени најстарите погребувања а во еден од гробовите, беше пронајдена златната маска, златната ракавица и уште 70-ина други златни, сребрени, бронзени, килибарни и други предмети.

Систематските археолошки истражувања се во рамките на Годишната програма на Министарството за култура.

"Стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј-Охрид во текот на годинешните истражувања досега откри 85 гроба од кои 12 датираат од македонско-хеленистички период, односно некаде од 3-2 век п.н.е., а останатите се од османлискиот период од периодот на 15 до крајот на 18 век", велат од Министерството за култура.

Во гробниците од македонско-хеленистички период кои се со гробни конструкции од необработен камен, досега пронајдени се најразлични прилози карактеристични за периодот на погребување како керамички амфори, калапени чаши, делови од војничката опрема - копја, ножеви, накит - златни обетки со негроидни глави и со претстави на ерос, ѓердани со мониста од стаклена паста, привезоци, фибули и прстени, а во три гроба се пронајдени и бронзени садови.

Од периодот на доцната антика откриени и истражени се 11 јами и дел од рустикален објект, а пронајдено е поголемо количество византиски монети, неколку сребрени венецијански грошеви и една сребрена монета на кралот Волкашин.

Гробовите од османлискиот период, пак, се главно со христијанска ориентација и во се пронајдени бронзени копчиња, обетки, срма, а зачувани се и делови од органски материјали - кожни обувки, дрво).

Во текот на досегашните истражувања најстар наод на теренот е праисториско камено секирче, а најмлад османлиски монети од 19 век.

Археолошките истражувања на локалитетот Горна Порта продолжуваат до крајот на септември годинава.

Поврзани

Најнови вести

Коментари