Во предговор за белгиското издание

Милан Кундера: "Вештица" на Венко Андоновски е грандиозен роман

"Ве молам прочитајте го. Со љубовта која богато ја заслужува", вели, меѓу другото Кундера за делото на нашиот писател

- Во ова мајсторски полифонично дело во кое разноликоста на наративните техники изненадува и го воодушевува читателот, спомнувањето на вештерството е постојано проследено и збогатувано со приказни кои се поставени во сегашно време, во сегашниот живот, со што Вештица станува грандиозен роман за Европа. Минатата и сегашната Европа. Но, она што е доволно, доволно е. Не сакам да го прераскажам овој неповторлив роман. Ве молам, прочитајте го. Со љубовта која богато ја заслужува...

Вака великанот Милан Кундера го завршува предговорот за изданието на француски јазик на романот "Вештица" на Венко Андоновски.

Тој за Андоновски вели и дека "одбива да се покори на традиционалните форми на романот како неопходност", како и дека успева да го опфати неопфатливото.

По повод излегувањето на романот вчера во Друштвото на писатели на Македонија гостуваше и сопственикот на издавачката куќа "Кантокен", Стефан Ван Рид, кој "Вештица" ја издаде под наслов "Sorciere".

Фото: Ѕ. Плавевски

Тој кажа дека, покрај другото, се решил да ја објави книгата бидејќи му се допаднале стилот, релацијата меѓу стварноста и фикцијата, тоа што може да е разбирлив во секоја земја, универзален, како и начинот на гледање на авторот на жените и љубовта...

Според него, книгата ќе ја има во книжарниците во Белгија и во Франција, како и на Амазон.

Издавач на последното македонско издание на "Вештица", пак, е "Лакрима литералис".

Андоновски не беше присутен на прес-конференцијата, но преку порака вели дека "нема за мене поголем ден од овој во мојата кариера - поголем е дури и од оној кога ја добив "Балканика' за "Папокот на светот' во далечната 2001 година".

-Овој ден е голем и затоа што оваа книга, која кај нас помина речиси незабележано по однос на наградите и критиката, доби прекрасен поговор од големиот Милан Кундера, мој идол; кога го пишував "Папокот на светот", во кој се служам со имиња од " Шега" на Милан Кундера (за мене еден од најдобрите европски романи воопшто), не сум можел ни да помислам дека еден ден, мојот идол ќе се изјасни за мене исклучително позитивно и со пофалби. Но, ете - чудата се можни, соништата се остваруваат ако во нив верувате, и ако имате трпение да ги дочекате!, вели Андоновски.

Романот "Вештица" на македонски јазик се појави во 2006 година. (Де.Т.)

Македонија. ...колкумина знаат што означува тој збор?

Кундера во предговорот на делото кое го објави издавачот од Белгија, "Кантокен" ја споменува и Македонија.

-Македонија. Од сите пешаци кои ги разминувам на улица, колкумина знаат што означува тој збор? Чувствуваме одредена тага кога ќе помислиме на осаменоста во која неминовно живее еден голем писател од Македонија. А посебно кога ќе видиме дека тој писател не го напишал своето дело за да го продаде, туку за да може да го каже она што пред него никој не го рекол. Таков е случајот со Венко Андоновски и со неговиот роман "Вештица", кој, мора да се напомене дека е премногу модерен роман, што би се рекло во мојот личен жаргон - тоа е роман од третатата епоха, вели Кундера.

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари