Љупка Џундева: "Фросина" има и срце и душа

Актерските легенди добија огромен аплауз по шеесет години од премиерата на филмот, а министерката за култура го придржуваше актерот Ацо Јовановски, тогаш главната улога во култното филмско дело

60 ГОДИНИ ОД ПРВИОТ МАКЕДОНСКИ ИГРАН ФИЛМ

Со предењето на еден век старата баба Деспина започна првата снимка на браќата Манаки, а со ткаење на разбој започнува првиот македонски филм Фросина". Точно пред 60 години, во далечната 1952 г., овој филм скопјани го виделе на премиерата во кино Култура". Токму за ваквиот значаен јубилеј, во Кинотеката на Македонија дојдоа тројцата доајени во филмот, актерските легенди Мери Бошкова, Љупка Џундева и Ацо Јовановски, и беа дочекани со огромен аплауз од полната сала на кинотечното кино.

Џундева искрено кажа дека филмот е правен со многу чувства и љубов и затоа има и срце и душа. Ацо Јовановски рече дека улогата ја добил неочекувано, а Фросина" му отворил врати кон други настапи. Мери Бошкова, пак, ни изјави дека тогаш била возбудена од помислата дека ќе снима прв уметнички филм на македонски јазик.

Вчера во Кинотеката беше и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која прво се дружеше со актерите, а го придржуваше и актерот Ацо Јовановски, тогаш главната улога во легендарното филмско дело. Министерката потоа кажа дека Фросина" бил материјализација на убавиот сон на многумина за создавање на прв македонски игран филм.

Во реализацијата на овој култен филм беше вклучен творечкиот потенцијал и креативното искуство на тогашната актерска елита, Мери Бошкова, Љупка Арсова-Џундева, Петар Вељановски, Ацо Јовановски, Петре Прличко, Илија Џувалековски и други филмски работници кои својот професионален кредибилитет го вложија во создавањето на извонреден синеастички производ. Овој филм трајно ги помести границите на македонската кинематографија и отвори нова ера во развојот на македонската седма уметност", рече министерката Канческа-Милевска.
На јубилејот говореа и филмскиот критичар Илинденка Петрушева и директорот на Кинотека, Мими Ѓоргоска-Илиевска. Роденденот на Фросина" ќе биде одбележан и на Охридско лето" со проекција на филмот на 12-ти август.

(Де.Т.)

ФОТО: Н. БАТЕВ

Поврзани

Најнови вести

Коментари