Легендата на југословенскиот филм по 24 години повторно во Скопје!

Лаушевиќ: Кога ме уапсија '93 во џебот имав сценарио од македонски филм

"Не очекував дека моите книги ќе постигнат таков успех. Најверојатно за луѓето е интригантно да прочитаат што се случува кога некој популарен ќе пропадне", изјави Лаушевиќ

Еден од најпознатите актери во поранешна Југославија, Жарко Лаушевиќ чија екстра популарна актерска кариера беше прекината по двојното убиство кое го изврши во самоодбрана во 1993 година, е повторно е во Скопје по цели 24 години. На отворањето на Фестивалот на дебитантски филмови "Киненова" што ќе се одржува од 6 до 11 октомври, ќе му биде доделено специјалното признание за особен придонес во филмската уметност.

"Има еден интересен момент, во 93-та година бев уапсен, а пет години подоцна кога излегував од затвор ми ги вратија работите и меѓу нив беше и сценариото од филмот "Пред дождот" на Манчевски. Тоа беше последна можност да глумам во македонски филм", изјави на вчерашната прес-конференција актерот по кој воздивнуваа сите жени од екс-Ју просторот.

Лаушевиќ последен пат снимал во Македонија, поточно во селото Горно Количани во 1987 година кога глумел во филмот „Пат на југ" во југословенска-аргентинска копродукција и како што вели, со посебни чувства го памети снимањето.

По одлежувањето на затворската казна, тој заминал за Њујорк, а во Србија се врати по пауза од 20 години, во 2014 година. Во меѓувреме има објавено и два успешни автобиографски романи, а откри дека подготвува уште една книга.

"Не очекував дека моите книги ќе постигнат таков успех. Најверојатно за луѓето е интригантно да прочитаат што се случува кога некој популарен ќе пропадне", изјави Лаушевиќ одговарајќи на прашањата на новинарите. Тој вчера додаде на смеа и дека одлично разбира македонски бидејќи "неговата сопруга и нејзиното семејство се од Македонија".

Лаушевиќ годинава игра во три серии "Сенките над Балкан" на Драган Бјелогрлиќ, "Пет" на Балша Џога и "Корени" работена по мотиви на Добрица Ќосиќ. Тој го сними и филмот "Волја на синовите", а се врати и на театарската сцена.

Во богатата биографија популарниот актер играше во филмовите "Хасанагиница", "Игмански марш", "Лазар", "Јагоди во грло", "Доброволци", "Убавината на порокот", "Шмекер", "Сивиот дом", "Офицер со роза", "Лето", "Црн бомбардер"...

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари