ПО ДВЕ ДЕЦЕНИИ РЕНОВИРАНО СТАРОТО КИНО

Кратовчани добија модерен мултимедијален центар

Објектот кој некогаш претставувал киносала на која кратовчани со носталгија се сеќаваат, а изминатите две децении беше и надвор од употреба поради руинираноста, конечно е реновиран и пуштен во употреба. Во овој центар граѓаните на Кратово ќе можат да следат концерти, приредби и кинопроекции или, како што самите велат, ова ќе биде центар на културни случувања во Кратово, па и пошироко

Кратово, музеј на отворено и град познат по своите мостови и кули од вчера доби и модерен мултимедијален центар. Објектот кој некогаш претставувал киносала на која кратовчани со носталгија се сеќаваат, а изминатите две децении беше и надвор од употреба поради руинираноста, конечно е реновиран и пуштен во употреба. Во овој центар изграден по иницијатива на самите граѓани преку форуми на заедници и со финансиска помош на Општината, Министерството за култура на РМ и Швајцарската агенција за соработка и развој, граѓаните на Кратово ќе можат да следат концерти, приредби и кинопроекции или, како што самите велат, ова ќе биде центар на културни случувања во Кратово, па и пошироко.

Кратово е град на мостови, кули, подземни тунели, фрески и археолошки наоѓалишта... Токму затоа со големо задоволство ја прифатив идејата на градоначалникот Андоновски за целосна реконструкција на старото кино и изградба на мултимедијален центар во Кратово. Ова е град со традиција во кој култура секогаш се негувалаа, истакна министерката Канческа- Милевска на вчерашното отворање на Центарот.

Реконструкцијата на објектот кој сега има 225 седишта траеше две години. Општината во неговата реконструкција вложи 7 милиони денари, Министерството 2 милиони денари и Швајцарската агенција 2,4 милиони денари. Втората фаза од градежните работи ќе опфати доуредување на просторот под сцената и додавање на уште 50 седишта на балконот. Следната седмица во новоотворениот центар ќе биде монтирана и нова киноопрема.

Ова ќе биде простор на многу културни настани, кои досега се организирале во несоодветни услови, на отворено или во спортската сала. Кратовци заслужуваат ваков центар, зашто Кратово има долга традиција и култураа, истакна вчера и градоначалникот на Кратово, Мите Андоновски.
Во Општина Кратово, пак, според министерката Канческа-Милевска се реализирани и ќе се реализираат и други проекти. Таа ја посочи ревитализацијата на Симиќевата кула во која е изложена постојаната поставка ,,Карпошово востание 1689".

Во тек се заштитните интервенции на Златковата кула, која е симбол на Кратово, а почнат е и проектот за заштита на архитектурата и ѕидното сликарство во црквата "Св. Јован Крстител", изградена од познатиот градител Андреја Дамјанов. Годинава во Кратово ќе бидат обновени и конзервирани фасади од староградската архитектура по која е познато Кратовоо, додаде Канческа -Милевска.

Во оваа насока ќе биде обновена фасадата на споменичната целина Ајдучка чаршија, составена од пет групирани дуќани, а до 2015 ќе бидат реставрирани и тунелите во Кратово, во кои ќе се извршат и археолошки истражувања.

(Д.Т.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари