КОЈ Е КРЦУН? УДАРНАТА ТУПАНИЦА НА УДБА. НАЦИОНАЛИСТ ИЛИ МИТ?!

Крцун е српски мит уште во шеесеттите, поради спротивставувањата на Тито по линијата на веќе забележителното национално подвојување меѓу комунистите, а особено по неговата неприродна смрт во 1964 година.

Слободан Пенезиќ Крцун и Александар Ранковиќ се најспоменуваните имиња на УДБА (ОЗНА) кои имаат автентичен, југословенски комунистички карактер. Во историјата на КОС и УДБА има и низа други митски имиња: Стево Крајачиќ, Јефто Шашиќ, Стане Доланц, Еди Брајник, браќата Мишковиќ... но, Словенците и Храватите во врвот на УДБА и КОС, биле резиденти на московската НКВД (КГБ), а од седумдесеттите се трансформираат во националисти, па не може да стане збор за нив како автентичен домашен кадар на КОС и УДБА.

Крцун бил српски мит уште во шеесеттите, поради спротивставувањата на Тито по линијата на веќе забележителното национално подвојување меѓу комунистите, а особено по неговата неприродна смрт во 1964 година.

Поделеноста меѓу военото разузнавање КОС и полициското УДБА може, како метафора, да се види и низ спортот. Низ ривалитетот на Спортските друштава, особено фудбалките клубови Партизан и Црвена Звезда. Имено, митот говори дека војската го оснива Партизан, му гради стадион со име ЈНА, а УДБА и Крцун, како противтежа, ја основаат Црвена Звезда, градат речиси двојно поголем стадион, а клубот се до својата смрт го менторира Слободан Пенизиќ Крцун, лично.

Што говорат биографијата и неговите современици на Крцун.

Слободан Пенезиќ Крцун е роден на 2 јуни 1918, во Ужице. Неговиот татко Спасоје е жандарм во Кралството Југославија. Во Ужице завршува гимназија, а потоа се вклучува во комунистичкото движење. Во тој период, до почетокот на Втората светска војна, е апсен и затворан три пати.

Крцун до пред војната нема контакти со врвот на КПЈ, Хебранг, Копинич, Тито, Крајачиќ, Милетиќ... и затоа не е дел од школата на Советската НКВД (КГБ), туку е автентичен, од народот произлезен офицер на ОЗНА (Подоцна УДБА) за време на НОБ.

Тито првпат го забележува во 1941 год. за време на т.н. Ужичка Република. Тоа е првата територија што партизаните ја имаат под контрола од почетокот на војната на подрачјето на Југославија.

Владан Миќиќ, современик и соборец на Крцун, во книгата на Слободан Гавриловиќ посветена на Живоин Павловиќ, за него изјавува:

Во 1941 год. во Ужице (родното место на Крцун) бев негов соработник, кој, во тоа време, беше во стражата што го обезбедуваше Врховниот штаб на Тито. Командир беше Ратко Дрчелиќ, а негов заменик беше Крцун. Сите активности на прогон и затворање на домашните соработници со окупаторот Крцун ги правеше по сопствена проценка за нивна вина, и по сопствени акции. Сум присуствувал на нив.

Го апсевме Живоин Павловиќ по наредба на Крцун. Собра дванаесетмина од нас, и ни рече дека одиме да апсиме крупна ѕверка од Крагуевац. Дека мораме да го фатиме жив заради испрашување.

Гонетиот се криеше во една штала, во месноста Кремно. Павловиќ се предаде набргу, откако Крцун го повика да го направи тоа. Го одведовме во затворот во Ужице, а таму го испрашуваа Слободан Пенезиќ, Владимир Дедијер и Петар Стамболиќ. Ранковиќ се вклучуваше повремено за да ги анализира резултатите. Отпрвин го тепаа три дена, без да даде изјава, а потоа почнаа распрашувањата. Го испрашуваа за некакво негово предавство на комунистите додека Павловиќ престојувал во Париз. Според тогашните кажувања на Владимир Дедијер, Живоин Павловиќ работел во Париз во книжарница, а другарите партизани оделе кај него, по што тој давал извештај за полиција.

Уапсениот најмногу го тепале Владимир Дедијер и Крцун. По десет дена, Живоин Павловиќ паѓа во бесознание. Стрелан е ноќе, заедно со уште педесетина други притвореници. Стрелањето го наредил Крцун, го надгледувал Ранковиќ, а егзекуциите ги направиле неколкумина други меѓу кои и раскажувачот Владан Миќиќ (првоборец од Пожега, подоцна капетан прва класа, само во затворот во Ужице, според неговото раскажување, стрелани се со пиштол, еден по еден, стотици луѓе)

За време на НОБ Крцун станува десна рака на Ранковиќ, Негов човек од доверба, задолжен за најсуровите наредби и - извршувања.

На 15 август 1945 година Тито го формира КНОЈ, кој прераснува во ОЗНА, а ОЗНА потоа се дели на КОС и УДБА... Крцун добива висока функција, прв човек на српската УДБА.

Тој ја прифаќа должноста, велејќи дека: е задоволен затоа што тој може да работи, само додека му е подреден на Ранковиќ, и Тито. Над него не може да има никој друг, изјавува Крцун, при влегување во зградата на УДБА на Сараевска улица во Белград, во средината на 1945.

Веќе во зимата 1946 година организира, а во март таа година и го спроведува апсењето на водачот на монархистичкото, четничко движење Дража Михајловиќ.

Тој лично го испрашува во стан на УДБА, во Белград. Испрашувањето трае кратко, малку повеќе од еден месец. Завршницата од неговото испрашување е дека Судот ја утврдува вината, и го стрела Дража Михајловиќ во мај 1946 година.

Потоа, следуваат акциите на присилен откуп на земјоделски вишоци кои во Србија и Војводина се најсурови, а нив ги организира - Крцун. Во 1948 Крцун и Генерал Јово Капичиќ се истакнуваат како најагилни во прогонот по основ на резолуцијата на Информбитото.

Но, во 1952 и 1955 година Тито решава лидерството во безбедноста и разузнавањето да го предаде на воената КОС! УДБА станува логистика за КОС во акциите од најсложен карактер. А, со КОС владее хрватското лоби на Иван Крајачиќ, Бакариќ и Јефто Шашиќ. Значењето на УДБА, со која во Србија раководи Крцун, се намалува. Тој бара поддршка од Ранковиќ за заедничка средба кај Тито, да се направи обид одлуката да се ревидира, бидејќи врвот на КОС, според него, бил збир на резиденти на московската НКВД. Средбата се случува во Белград, во кабинетот на Крцун, во април 1955 година, Ранковиќ застанува на страната на Тито.

Во 1962 година, кога работата е веќе завршена, а УДБА почнува маргинализација во однос на КОС, на прославата на денот на Армијата во декември, на една од масите на која седат српските функционери, се води дискусија за тоа дека индустријата се насочува на север кон Словенија и Хрватска, а дека Србија и југот пливаат во неразвиениот аграр... Ранковиќ и Никола Љубичиќ забележуваат разговор, и приоѓаат до масата на која разговорот прекинува. Крцун е во пијана состојба, и пред функционерите му вели на Ранковиќ: Леко, предадени сме!

Ранковиќ ќе го премолчи ова. Но една година потоа, Крцун го придружува Тито патувајќи со него во Титовиот син воз. Повторно е пијан, и ќе повтори дека Тито ги предал Србите!

Тито по стасувањето во Риека ќе го повика Ранковиќ на разговор околу скандалот во возот. Ќе му го посочи разговорот, како и претходниот на денот на Армијата, повикувајќи се на изјава на генералот Никола Љубичиќ за тој настан. Ранковиќ, до крајност лојален на Тито, еден час потоа има средба со Крцун на која му соопштува дека Тито требало да го стрела, но му го спасил животот, и дека се раздолжени!

Во 1964 година Крцун патува со соработник од Белград кон Ужице. Се возат во американски “олдсмобил#. Кај Лазаревац, јужно од Белград, автомобилот нагло скршнува од патот, и удира во дрво. Сопатникот загинува веднаш, а Крцун, се уште жив, го носат во амбуланта во првото соседно село Шопиќи. Тука умира. Во време на оваа несреќа Тито не бил во земјата. Автомобилот, наместо во УДБА, каде шеф бил Крцун, се носи во гаражата на КОС! Светислав Стефановиќ и УДБА протестираат и бараат увид врз возилото да изврши произведувачот Олдсмобил од САД.

Кога експертите од Олдсмобил доаѓаат во гаражата на КОС, во Сењак во Белград - затекнуваат целосно расклопено возило, и објаснување дека најверојатно имало оштетување на десната спона.

По изјавата дека Србија е предадена од Тито, и заканите од КОС кон него, Крцун станува мит во Србија. По загинувањето, и нејасните околности околу тој настан, и особено истрагата, митот се потврдува.

По политичката ликвидација на Ранковиќ и Светислав Стефановиќ во 1966 год. на Брионскиот пленум, Белград смета дека е тоа одмазда за Крцун, и чистка на нивниот кадар од југословенското раководство.

По смртта, Тито го дава името Слободан Пенезиќ-Крцун на најголемиот студенстки дом во тогашна Југославија, во Белград.

Она што историчарите (д-р Владан Димитријевиќ) го ценат - е дека Крцун бил еден од најсуровите офицери на УДБА, зад кого стојат стотици ликвидации без судска постапка. Дека е кафеански мит кој ја нема политичката тежина на Ранковиќ, туку бил и останал - извршител.

ПРОДОЛЖУВА: Александар Ранковиќ, последниот идеалист од партизанскиот комунистички врв кој верувал дека Југославија треба да опстане како единствена држава.

Поврзани

Најнови вести

Коментари