ВО МАНАСТИРСКИОТ КОМПЛЕКС "СВ. АРХАНГЕЛ МИХАЕЛ" - ГРАДСКО

Ќе се реставрира храмот на најголемиот балкански градител

Црквата "Св. Архангел Михаел" во Градско, изградена во 1861 година од Андреја Дамјанов, еден е од најголемите градители на сакрални објекти на Балканот, како и иконите во овој верски храм стари над 200 години, ќе се реставрираат со средствата на Министерството за култура на РМ. Ова беше најавено на завчерашната посета на министерката Елизабета Канческа - Милевска на општината и манастирскиот комплекс.

Пред четири години вршени се извесни интервенции на црквата, а изработен е и проект за архитектурата на самиот објект кој со својот изглед ги воодушевува посетителите.
"Голем дел од иконите во црквата не се конзервирани и од тие причини веднаш ќе биде направено во координација со надлежните институции. Исто така ќе се сретнам и со директорот на Управата и со директорот на Националниот конзерваторски центар проектот за архитектура да се реализира во текот на следната година се со цел да се врати автентичниот изглед на црквата", потенцираше министерката Канческа-Милевска.

Црквата Св. Архангел Михаил" се наоѓа на планината Клепа, помеѓу селата Горно и Долно Чичево. Покрај манастирот најмногу посетители се собираат на верскиот празник голема Богородица, дојденци од сите краеви на републиката и поранешни жители на селата.
Според Жанета Чаушевска, градоначалничка на општина Градско, патот до црквата и манастирот бил тампониран пред некоја година, а до Светска банка е доставен и проект од страна на Општината.

"Овој прекрасен комплекс планираме да го направиме привлечен за туристите", посочи Чаушевска. (Д.Т.)

Споменик на култура од 1981 година
Црквите на Андреја Дамјанов се сметаат за бисери на сакралната архитектура. Покрај верскиот храм Свети Архангел Михаил во Чичево, кој во 1981 година е прогласен за споменик на културата, тој е градител и на црквата во манастирот Свети Јоаким Осоговски, кај Крива Паланка, како и на црквите Света Богородица во Ново Село, Штипско. За негова најубава и неповторлива градба, сепак, се смета соборниот храм Свети великомаченик Пантелејмон во Велес, изграден во 1840 година

Поврзани

Најнови вести

Коментари