Општина Крушево има врвни археолошки ресурси

Калето во Норово ги чува монетите од сите македонски кралеви

На Кале, село Норово, изненадува појавата на монети исклучиво на македонските кралеви и тоа речиси во континуитет, од Архелај, Аминта Трети до Персеј. Тука се и монетите од времето на Филип Втори Македонски, и Александар Трети Македонски

Градот Алкомена кај Бучин, доцноантичкиот кастел непосредно пред Крушево и Кале, село Норово, се дел од врвните археолошки локалитети кои се лоцирани на територијата на Општина Крушево. Откритијата пронајдени на овие локалитети зборуваат за бурната историја на овие простори, така што, според проф.д-р Виктор Лилчиќ, директор на Управата за заштита на културно наследство, тие можат и требаат да се искористат за туристичка промоција на градот. Според него, приоритет меѓу споменатите археолошки локалитети имаат градот Девриопски Алкомена и мистериозниот град или прастарата античка македонска стратегиска фортификација на Кале, Норово.

"Изненадува појавата на монети исклучиво на македонските кралеви и тоа речиси во континуитет, од Архелај, Аминта Трети до Персеј. Тука се и монетите од времето на Филип Втори Македонски и Александар Трети Македонски, како и од времето на Деметриј, Полиоркет, Пир, Антигон Гонат, Филип Петти и Персеј. Општината Крушево со локалитетот Кале, село Норово поседува едно вистинско археолошко чудо чија што функција на доминантната позиција, ридот со кота 909 метри, мораме допрва да ја одгатнеме", велат од Управата за заштита на културното наследство.
Според проф. д-р Лилчиќ токму археолошките локалитети се поттик за унапредување на секоја локална единица.

"На овие локалитети во моментов не се работи, но сакаме да им посочиме на локалните власти дека располагаат со големи археолошки ресурси кои ќе можат да се искористат за економскиот развој на општината, преку нивната туристичка промоција со оглед дека имаат интересна историја, а воедно можат да продолжат и истражувањата со што ќе се добијат дополнителни факти, а ќе бидат пронајдени и нови предмети", посочува проф. д-р Лилчиќ. (Д.Т.)

Пишани документи за Алкомена

Пишувани документи ни потврдуваат дека Алкомена била царски град на македонското племство. Генерали и принцеви во составот на фалангата со потекло од Алкомена биле придружба на Филип Втори и на Александар, а подоцна и на Персеј.

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари