РОДНОКРАЈСКИ ЗАПИСИ : ТЕОВО

Како тргнало, тапаните повторно ќе бијат

Спокојот и длабоката тишина што ги чувствувавме при престојот во други рурални населби во Теово како да не беа присутни. Низ населбата се слушаа одеци од удари на чекани. По името на првиот доселеник, селото го добило името Теово. Тој кога дошол тука на една ледина од левата страна на реката, во центарот на котлината засадил фиданка јавор. Според записите и кажувањата тоа било во 1478 година. Потоа на само 100 метри од јаворот изградил куќа. Другите жители од Старо Село (локалитетот на Теово) увиделе дека изборот на локацијата е многу поволна за живеење и постепено почнале да се преселуваат. На главната улица во центарот, професорот Трајче Стаменкоски ја имаше покриено двокатната куќа, а мајсторите веќе работеа на ентериерот. - Да ви е аирлија куќава домаќине, да имате многу свадби и крштевки - му велиме ние. - Се градат и други куќи, нешто како да киниса - ни вели Трајче, задоволен од благословите и накусо ни раскажа приказната за селото: - Населбава порано се наоѓала во месноста Старо Село, недалеку од денешнава местоположба. Таму и ден-денешен постојат видливи остатоци од стара црква и гробишта. Жителите се преселиле на оваа локација, затоа што низ Старо Село минувал патот од Велес преку Крива Круша, Плевење, Габровник, Десово, од Прилеп за Битола, како пат низ кој минувале многу војски кои правеле зулуми во селото. Не можејќи да го трпи насилството еден од повидните жители по име Тео решил да се насели во оваа котлина која била обрасната со трње и дрва. Котлината влевала сигурност, бидејќи до неа тешко се приоѓало затоа што била заштитена со клисура, која е во подножјето и низ која тече реката Бабуна. Младата фиданка, што ја засадил Тео, со текот на годините израснала во раскошно дрво кое импресионира со својата големина. Последните мерења покажуваат дека дебелината на јаворот изнесува 10-тина метри, а висок е околу 40м. Местото под јаворот е целосно поплочено и оградено. Изградена е фонтана каде што беше стариот бунар.
НА ГУРБЕТ КАКО ТУЛАРИ
Во минатото многу жители од Теово оделе на гурбет во Романија, каде работеле како тулари. Кога се враќале при проектирањето на улиците и плоштадот го примениле романскиот стил на градење. Од центарот на населбата - плоштадот на сите четири страни се протегаат широки улици. Јаворот бил сврталиште за многу средби и разговори за млади и стари луѓе. Тука се виеле и свадбарските ора откако ќе завршело венчавањето на невестата во црквата "Св. Атанас" која е во непосредна близина. Црквата ја живописал мијакот Димитар Андонов-Папрадишки по враќањето од школувањето во Киев во 1883 година. Малку подалеку од јаворот е основното училиште, во кое до пред неколку години се одржуваше настава до осмо одделение, а сега јас одржувам настава на само една паралелка од прво до четврто одделение. Дедо ми Андреа бил на печалба во Романија. Кога си дошол, девојката што сакал да ја земе му рекла прво куќа да изгради, па потоа да ја земе за невеста. И така и било. Куќата ја изградил во 1903 година. По занимање бил колар и на главната улица имал дуќан за изработка на тркала и чези. Новава куќа што ја градам е на местото на старата куќа. Иако беше многу убава таа не ги задоволуваше современите потреби на живеење. Како нашата куќа има уште само неколку убавици. За жал, архитектонското наследство кај нас побрзо исчезнува отколку што сме во можност да го заштитиме. Едната од нив е куќата која е прикажана на поштенска марка на Македонската пошта. Таа како да е изникната од земјата и е нераскинлив дел со природата. Освен што помасовно на печалба во минатото се одело во Романија, подоцна почнале да одат во прекуокеанските земји, а во поново време во Шведска, Германија, Швајцарија. Пред 40 години во Америка отиде Киро Илиоски со своите деца, во Австралија од поодамна се отидени браќата Тихомир,Томе и Стојан Трајкоски. По војната во Сао Паоло, во Бразил, отиде Александар Мирчески и не се врати повеќе. Миграцијата најмасовна беше во шеесеттите години, а покарактеристична по укинувањето на Општината Богомила во 1964 година.
ИЗГРАДБА НА МАНАСТИР
Во горниот дел од населбата се наоѓа манастирот "Св. Архангел Михаил" што Турците пред 400 години го запалиле до темел. Токму овој манастир е необичен по тоа што првпат свештено лице се јавува како ктитор. На остатоците и темелите од стариот манастир сега е изграден нов благодарение на желбата и упорноста на прота ставрофор Стојко Ристовски од Вардарската епархија. Прота Стојко денеска воопшто не се кае што во родното Теово место обнова на планираната семејна куќа, вложил многу повеќе енергија и средства во изградбата на манастирот. "До самата идеја, како што вели тој, дојдов сосема случајно. Додека бев секретар на Повардарската епархија во Велес, кај мене дојде една наша соселанка и ми рече дека копајќи над селото наишле на темели. Познавајќи ги преданијата веднаш помислив дека тоа се темелите од стариот манастир "Св. Архангел Михаил" и дека со ова самиот тој ми порачува дека е време да го обновиме". Градбата започна на 29 мај 1994 година со благослов на сега упокоениот Архиепископ Михаил. Полни четири години траеше изградбата, за да на 17 мај 1998 година, во сослужение на четири владици, го извршивме осветувањето и евангелисувањето. Кога го прашавме кој е архитект на оваа градба тој скромно истакна дека како свештено лице учествувал во изградбата на 14 цркви и со самото тоа, искуството стекнато дотогаш, го применил во изградбата на манастирот. - Кога почнувавме со градбата, еден постар теовец набљудувајќи ја изградбата заедно со мене, ми рече: "Оче, со изградбава на манастиров нашево село нема да изумре. Таа реченица до ден-денеска ја слушам во мене. Носталгијата е присутна кај иселените теовчани. Тие повторно се враќаат во напуштените огништа, ги поправаат старите куќи, а некои градат нови. Во последниве години се изградени или обновени 84 станбени објекти. Речиси и да нема слободна локација за изградба на нова куќа. Во областа Азот повторно ќе ечат зурли и тапани, кавали и гајди од многуте свадбарски свечености.

Томо Чалоски

Поврзани

Најнови вести

Коментари