МАКЕДОНСКИ ТРИУМФ НА ФИЛМСКИОТ ФЕСТИВАЛ ВО ВАЛЕНСИЈА

"Големата вода" однесе се!

ФИЛМОТ НА ИВО ТРАЈКОВ ГИ СОБРА СИТЕ ВРВНИ НАГРАДИ: ЗА НАЈДОБАР ФИЛМ, РЕЖИЈА, МУЗИКА И ФОТОГРАФИЈА

"Големата вода", македонскиот кандидат за оскар е убедливо најдобар на 26. филмски фестивал во Валенсија, каде собра дури четири награди: за најдобар филм, режија, музика и фотографија! Режијата е на Иво Трајков, музиката на Кирил Џајковски, а фотографија на Суки Меденчевич. Македонскиот филм покрај "Златната палма" добива и 30 000 евра.
На фестивалот кој се одржа од 13 до 20 октомври, наградите беа доделени во конкуренција од дванаесет филмови од Алжир, Словенија, Грција, Италија, Португалија, СЦГ, Израел... Партиципираа земји од Медитеранот, презентирајќи ги нивните најнови продукции. Поголемиот дел од филмовите ги третираат социјалните теми и оние за заштита на животната средина, како и реалноста во која живееме, така што доминираат некомерцијални филмови.
Оваа година еден од поинтересните настани на фестивалот беше и комеморацијата по повод шеесетгодишнината од завршувањето на Втората светска војна, со програмата "Несреќите од војната", во која преку германски филмови беа прикажани историските консеквенци на крајот од војната во Германија.
До сега овој филм освои две награди од публика: на филмскиот фестивал во Дубровник и на "Блацк Сеа Филм Фестивал", одржан во романскиот град Констанца, а беше презентиран и на фестивалот во Карлови Вари, потоа во Америка...
"Златната палма" на минатогодишната валенсиска мостра ја доби "Гори ватра", од Пјер Залица (БиХ).

Дејан ТРАЈКОСКИ

Поврзани

Најнови вести

Коментари