ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ ВО ПАЛМ СПРИНГС

"Големата вода" чекори кон Оскарот

Нашиот адут за Оскар, филмот "Големата вода" на режисерот Иво Трајков го започна својот поход во светот. Филмуваната верзија на романот на Живко Чинго ќе биде прикажана на Интернационалниот филмски фестивал во Палм Спрингс (САД), кој почна на 6, а ќе трае до 17 овој месец. Терминот на прикажување на нашиот претставник е 15 јануари и тоа во програма за најдобар странски филм, којашто ги вклучува официјалните кандидати за Оскар. Во оваа конкуренција селектирани се вкупно 50 филмови од кои 41 се странски адут за блескавата статуетка на Американската филмска академија. Во текот на 11. фестивалски денови публиката ќе може да види 190 филмови од 65 земји од светот. Во програмата се вклучени проекти во повеќе категории: гала конкуренција, латино-американски филм, документарен филм, како и интернационални филмови од категоријата "Светскиот филм денес". За прв пат во 16-тото по ред издание, се отвора посебен простор за жанровите: акција, комедија и хорор. Традиционалните, почесни награди, ќе ги понесат актерите Кирк Даглас (животно дело), Семјуел Л. Џексон, Кевин Спејси, Никол Кидман, Лора Лини и Лиам Нисон, како и композиторот на филмска музика, Хауард Шор. (Б. Г.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари