Канческа -Милевска во посета на Градот на културата

Дојран годинава со обновена црква "Св. Илија", догодина и со наколна населба

"Целосно се завршени археолошките истражувања на локалитетот Мрдаја. Се работи за наколна населба која ќе се реконструира наредната година, и тоа е во програмата на Владата. Тоа ќе биде интересен и значаен проект, туристичка атракција за сите посетители", истакна министерката за култура

Црквата "Св. Пророк Илија" од 19 век, која е своевиден симбол на градот Дојран, целосно се реконструира, а се очекува таа да биде промовирана во јавноста на 5 ноември.

Според министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, Заводот и музеј Струмица кој го реализира проектот на овој споменик на културата веќе има завршено значаен дел од конзервацијата, а во моментот е во тек тендерската постапка за избор на изведувач кој ќе ги реализира работите околу изведбата на прозорите.

"Оваа година кога се одбележуваат 100 години од уништувањето на црквата во Првата светска војна очекуваме сите активности да бидат финализирани и овој сакрален споменик на културата да биде промовиран пред јавноста. Ќе потсетам дека проектот се реализира во шест фази и тоа најпрвин беше направена конзервација на оригинално зачуваните делови од подна покривка на црквата и реставрација на партиите што недостигаат, по што се оформи целосно подот на црквата", посочи министерката Канческа-Милевска која го посети овој верски храм заедно со градоначалникот на Дојран, Борче Стамов. За целосната обнова на црквата "Св. Илија" во Дојран, Министерството за култура издвои околу 6 милиони денари.

На конзерваторско-реставраторските активности според министерката претходеше археолошко истражување на просторот под подното ниво, со што беа откриени постари сакрални градежни структури. Во 2015 година е изведено и малтерисување на внатрешноста на црквата, која е со димензии (32 на 20 метри). Објектот има и галериски дел и поради просторноста и акустичноста е погодна за културни настани. Општината ќе го доуреди хортикултурно дворот на црквата и ќе ја осветли дополнително градбата.

Според директорот на Завод и музеј Струмица, Зоран Рујак, под темелите на црквата од 19 век се најдени остатоци и од постара црква, која не може точно да се датира.

Министерството за култура во Дојран има отворено и сувенирница, а финансира и археолошки истражувања на локалитетот Мрдаја, каде што се откриени остатоци од наколна населба - прва во Дојранското Езеро, обновата на турскиот амам и на Саат-кулата за кои се издвоени околу 1,5 милиони денари. Наколната населба откриена пред четири години во Мрдаја ќе се реконструира во центарот на Дојран.

"Целосно се завршени археолошките истражувања на локалитетот Мрдаја. Се работи за наколна населба која ќе се реконструира наредната година, и тоа е во програмата на Владата. Тоа ќе биде интересен и значаен проект, туристичка атракција за сите посетители", истакна министерката за култура.

Дојран, оваа 2016 година, е и носител на престижната манифестација „Град на културата" во чии рамки досега се реализирани повеќе до 100 настани од сите дејности на културата, а до крајот на годината ќе се претстават уште 50 активности.

"Следува можеби и најпосетениот месец во Дојран, каде што во рамките на манифестацијата Град на културата, ќе се претстават повеќе македонски поп ѕвезди како што се Тамара Тодевска, Сара Мејс, составот ДНК, потоа предвидени се стендап комедии со Марјан Ѓоргиевски и Бојан Велевски и многу други содржини. Оваа манифестација веќе 13 години со поддршка на Министерството за култура се случува во градовите во нашата држава и силно влијание врз заживувањето на културата на локално ниво и создавањето услови за развој на културниот туризам", посочува Канческа -Милевска.

Според градоначалникот Стамов, во Дојран само за викендите има и до 10.000 туристи, а културните настани и реконструираните објекти се дополнителен мотив тие да останат подолго.

Поврзани

Најнови вести

Коментари