ЛОКАЛИТЕТОТ ЧАИР РИД (КАЈ НЕГОТИНО) ДОПРВА ЌЕ ИМА ШТО ДА КАЖЕ

Цел Тремник - археолошко наоѓалиште

- ОВОЈ ЛОКАЛИТЕТ ИНТЕНЗИВНО СЕ ИСТРАЖУВА ВО ПОСЛЕДНИТЕ ДВЕ ГОДИНИ. ДОПРВА ЌЕ СЛЕДАТ ЗНАЧАЈНИ ОТКРИТИЈА. МОЖЕБИ ЌЕ СЕ ПОТВРДАТ И НАШИТЕ ПРЕТПОСТАВКИ ДЕКА ОВДЕ БИЛ И НЕКОГАШНИОТ ХЕЛЕНИСТИЧКИ ГРАД АНТИГОНЕА, ВЕЛИ АРХЕОЛОГОТ КИРИЛ АНГЕЛОВСКИ

“Во селото Тремник, близу Неготино, на секој чекор има археолошки наоѓалишта. Потребни се повеќе иницијативи и пари за да се истражи. Сигурно ќе се добијат многу значајни податоци за далечното минато на овие простори", вели археологот Кирил Ангеловски, раководител на истражувањата на локалитетот Градиште - Чаир Рид, во селото Тремник близу Неготино.
Според Ангеловски, станува збор за огромен локалитет кој временски е лоциран од 8 век пред нашата ера до 4 век од нашата ера. Населба со некропола и сите други обележја, која, за жал, е многу малку истражена. “Интензивно се истражува во последните две години. Допрва ќе следат значајни откритија. Можеби ќе се потврдат и нашите претпоставки дека Градиште е една од можните локации на некогашниот хеленистички град Антигонеа, основан од Антигон Гонат, кој датира од вториот век пред нашата ера", објаснува Ангеловски.
По минатогодишното истражување на римската некропола, годинава се работи во "керамичарскиот кварт". Се доистражуваат и санираат три печки кои служеле за печење на садови од керамика, во југозападното плато на локалитетот. Во моментот се прави документација, а ќе следи и конзервација на печките.
“Тоа значи дека станува збор за значаен центар каде се произведувале печки за населбата, но и за околината", вели Ангеловски, кој ја има стручната поддршка од Перо Ризов и соработниците од Музејот на Македонија - Мила Шурбаноска и Антонио Јакимовски. Локалитетот Чаир Рид не е непознат за научната јавност. Се спомнува во делата на некои еминентни научници од областа на археологијата. Очите на научната јавност допрва ќе се вперат кон овој локалитет, бидејќи во него се закопани многу докази за нашата историја како народ, особено за животот на луѓето од Средното Повардарие.
Годинава во финансиската конструкција на истражувањето, покрај Министерството за култура (100 илјади денари), е вклучена и локалната самоуправа на Неготино. Според Ангеловски, поддршката од општината е многу значајна, бидејќи конечно се покажува заинтересираност за истражување на археолошкото богатство и во помалите места.

Анита ЈОВАНОСКА

Поврзани

Најнови вести

Коментари