РЕКОНСТРУКЦИЈАТА ЌЕ ЗАВРШИ ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАТА

Беговата куќа од 18. век го враќа сјајот

Куќата на Болетини - Беговата куќа од 18 век која претставува еден од најзначајните споменици на културата во Гостивар, до крајот на годината ќе биде целосно реновирана. Објектот кој е уникатен примерок на автентичната староградска архитектура, како културно наследство е заштитена во 1984 година. Реализацијата на проектот за конзервација, санација и реставрација на овој значаен објект, Конзерваторскиот центар ја спроведува во три фази.

"Конзерваторскиот центар - Гостивар ја заврши втората фаза од проектот, односно архитектониката на објектот. Во оваа фаза е извршена интервенција на конструкцијата на темелите и на меѓукатот, односно беа зајакнати меѓукатницата и темелниот ѕид од јужната страна и е обновена фасадата. За да се зачува автентичноста, рачно се изработени и рамките на прозорците на куќата и влезната врата", истакна министерката за култура на РМ Елизабета Канческа-Милевска, при вчерашната посета на Гостивар.

Во првата фаза, која беше реализирана во 2011 година, извршена е санација на покривот, поставени се нови олуци и заштита на оџакот. Годинава, пак, во рамките на третата фаза ќе се работи на електричната инсталација и внатрешното уредување.

Конзерваторскиот центар со поддршка на Министерството за култура, изврши и надворешна реконструкција на Саат-кулата во Гостивар, од 17 век, а годинава ќе се работи и на осветлувањето и на ентериерното уредување, по што ќе биде отворен за домашните граѓани и странските туристи. Своето задоволство од преземените активности за зачувување на ова културно богатство го изрази и сопственичката на Беговата куќа, Фикрие Болетин.

(Д.Т.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари