logo
logo
logo

Варени ѓевреци

Vecer | 14.10.2021

Варени ѓевреци

Потребни состојки:

За тестото:

  • 1 пакетче сув квасец или 1/2 коцка свеж квасец
  • 300 мл топла вода или млеко
  • 500 г брашно
  • 1 мала лажичка шеќер
  • 2 мали лажички сол

За варење и валкање:

  • вода
  • 2 лажици кафеав шеќер или мед
  • 1 рамна лажичка сода бикарбона
  • 300 г + 50 г сусам (секогаш имајте плус 50 г за секој случај)

Начин на приготвување:

Од сите состојки замесете тесто, кое треба да биде меко, а компактно, не како кај мекиците, лепливо. Ѓевреците не треба да стасаат! Тестото поделете го на топчиња и оставете го да одмори додека ја приготвувате водата за варење, 2-3 минути.

Во тенџере на оган ставете вода отприлика, 1/2 од тенџерето ќе биде сосема доволно, не бирајте големо тенџере бидејќи ќе ги варите едно по едно. Во водата ставете го кафеавиот шеќер или медот и содата, оставете да зоврие, а за тоа време настрана ставете една чинија во која ќе ставите сусам.

Од топчињата формирајте ѓевреци така што ќе го издолжите со рацете тестото, како стапче, па ќе ги споите двата краја и ќе се потрудите убаво да се залепат. Работете брзо зашто тестото е меко и ќе стасува од количината на брашно, па нема да се оформува лесно.

Пред да започнете со варење, рерната вклучете ја на 220 степени. Оформеното ѓеврече ставете го во водата што врие, тоа самото ќе се крене на површината кога ќе биде готово, за отприлика 20-30 секунди, доволно време за да го оформите следното ѓеврече. Со лажица-решетка вадете ги ѓевреците, процедете ги, па ставете ги во сусамот. Откако убаво ќе се „излепат“ со сусам, ставете ги на хартија за печење. Внимавајте се да биде брзо, ѓевреците не треба да киснат многу.

Печете ги во загреана рерна додека не заруменат убаво. Готови се кога ќе почнат да мрдаат на хартијата.

На здравје!

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk