Попсите се неодоливи топчиња на стапче, кои станаа исклучително популарни во последниве години. Најчесто се прават од бисквити, а глазурата, пред се чоколадната, им дава неодолив изглед, но и вкус. Можете да ги украсите со шеќерни ѕвездички, цветови, да ги валкате во кокос, чоколадни трошки, мелени ореви, бадеми…

Иако изгледаат како слатки за деца, попсите ги сакаат и возрасните. Брзо и лесно се прават, а комбинацијата на вкусови е неограничена. Можете да ги подготвите за само 15 минути.

Состојки:

300 г мелена плазма

200 г маргарин

200 г шеќер во прав

8 лажици сок од портокал

За глазура:

300 г чоколадо за готвење

2 лажици масло

Начин на приготвување: Се мешаат плазма бисквитите и шеќерот во прав, се додава растопениот маргарин и сето убаво се мати со миксер да нема грутчиња. Постепено додавајте го сокот од портокал и убаво соединете ја смесата со рацете. Од подготвената смеса формирајте топчиња и ставете ги во замрзнувач 15 минути. Чоколадото искршете го на коцки, додадете масло и стопете го на пареа. Натопете го врвот од подолга сламка или стапче во чоколадото, а потоа боцнете го во топчето и оставете го повторно 15 минути да се стегне во замрзнувач.

Секое топче потопете го во растопеното чоколадо, со мало лажиче извадете го вишокот и почекајте да се исцеди. Веднаш декорирајте со шарени трошки, кокос или други украси по избор. Сламките или стапчињата боцнете ги во подлога (стиропор) и оставете ги во фрижидер до сервирање.