Печени крофни

Без пржење и маснотии, совршено меки и вкусни крофни

Потребно ви е: 550 грама брашно, 250 грама млеко, 25 грама квасец, 50 гр шеќер, една кесичка ванилин шеќер, 4 жолчки, 50 грама маргарин, прстофат сол, 300 грама мармалад по ваша желба и 50 грама шеќер во прав.


Ставете го квасецот во една помала чинија. Млекото загреете го, па во него стопете го шеќерот. Турете го засладеното млеко преку квасецот и оставете да нарасне. Во друг сад измешајте ги брашното, жолчките, стопениот маргарин, ванилин шеќер и сол, па додадете го надојдениот квасец.
Добро измесете го тестото и оставете го да порасне двојно.


На набрашнета површина растегнете го тестото. Треба да има дебелина од еден сантиметар. Потоа со модли за крофни, доколку ги немате може со обична чаша да вадите кругови. Редете ги во тава обложена со хартија за печење и оставете ги 15 минути да стојат. Со мала чаша за ракија потоа во секој круг направете вдлабнатина и наполнете ги со мармалад. Крофните се спремни за печење. Се печат на 180 степени, околу 20 минути. Треба малку да поруменат. На крај ги посипувате со шеќер во прав.

На здравје!

Поврзани

Најнови вести

Коментари