Вечер тема

Современа дискриминација: Дебелината е заразна и носи сиромаштија

Денес внимание и восхит предизвикува тело во добра форма, природно хрането, витко и по можност што помладо. Тоа асоцира припадност на повисок социјален слој и успех, додека сиромаштијата и маргинализацијата во општетството се поврзува со дебелина и консумација на алкохол и никотин. Постоењето на осиромашени пониски слоеви во општеството притоа сè повеќе се перципира како резултат на биолошките, телесни предиспозиции и изглед кој означува дека телото, личноста, не е во состојба да се контролира себе и своите нагони, дека тие и такви луѓе не се во состојба во секој момент да одговорат на потребите во својата професија или својот социјален живот. Не се во состојба на мобилност и флексибилност, порачува Фредерике Хаберман во текстот објавен од Ле монд дипломатик.

Накусо: ако во минатото сликите или карикатурите на богатите прикажуваа богатство преку изглед на дебели и телесно неодговорни мажи, но и жени, сега е сосема поинаку - дебелеината е пропуст во навиките и неодговорност, хендикеп на сиромашниот слој во општетството.

Летото 2007 почна се, кога голем број медиуми - од магазинот ГМХ, преку Менс хелт, до дневниот весник Зидојче цајтунг - објавуваа наслови во кои на читателите или буквално или преносно им се порачуваше: „Дебелината е заразна!" Кој е пријател со дебели луѓе, тврдеа тие, се изложува на 57% поголем ризик дека и самиот ќе стане дебел. Дебелиот ќе ве навлече во својата лежерна неодговорност кон себе. Кој е неодговорен кон себе, нема одговорност и самоконтрола ни во работата и, финално, тоа го прави сиромашен.

Тврдењата се темелат на студија која во текот на 32 години ги следи жителите на едно гратче во околината на Бостон. Според авторите, пријателството со дебелите ја менува перцепцијата за она што е „ОК", што доведува и до запуштање на сопственото тело. - „Заради тоа гледајте на своите пријатели да им помогнете да ослабат!" советува Менс хелт магазинот под сликата на која се прикажани фит лепотани со насмевка која оддава победничка самодоверба и дебел, полуќелав маж, со нагласено несреќен поглед (или можеби се работи за чувство на вина).

Речиси истиот наслов подоцна е користен и за други текстови, на пример во германскиот неделник Фокус: „Дали дебелината е заразна? Вирус би можел да е причина за проблемите со тежина на третина од дебелите." Во текстот се тврди дека вирус по име Ад36 е три пати почест кај оние со прекумерна тежина отколку кај оние со нормална телесна тежина. Тврдењето се повикува на истражувањето на Ричард Аткинсон, пензиониран професор по медицина од Универзитетот во Висконсин, кој тестирал 500 лица и ги вклучувал податоците од различни истражувања врз животните. Франкфуртер алгемајне цајтунг го пренесе советот на „неколку научници": „Мијте раце, дебелината е заразна!" Уште понедвосмислено решение од давање совети за диета и миење раце по физички контакт со дебелите, секако е - комплетно избегнувајте ги.

Оној кој веќе го следи известувањето на медиумите на оваа тема знае и дека дебели луѓе многу почесто се наоѓаат во најниските општествени слоеви. Националната студија за прехранбени навики на сојузното министерство за прехрана на Германија, земјоделие и заштита на потрошувачите од 2008, на оваа тема вели: Со растот на нето приходите по глава на жител, и кај мажите и кај жените доаѓа до пад на индексот на телесна тежина. Еден коментар главната теза ја сумира на следниот начин: - „Разликите во тежина во Германија пред сè се класни разлики." Рената Кунст, министерката за земјоделие во црвено-зелената влада на Герхард Шредер во тие години на оваа ревеолуција против дебелите, се пофали во популарното ток-шоу на Ана Вил дека таа студија лично ја има нарачано, и веднаш потоа нагласи колку се одвратни прехранбените навики во „необразованите слоеви."

Од таа 2007-ма до денес, средина на 2018-та ништо не е сменето. Ако на почетоците тоа имаше еуфорија на револуционерно поместување на општествените стандарди и критериуми, денес 11 години потоа, односот кон дебелината како социјална дисквалификација е нормален стандард, усвоен од мнозинството. Патем, кога се зборува за дебелината како хендикеп и симбол на сиромашните слоеви, исклучиво се мисли на последица на сопствен избор, а тука не спаѓаат дебелите од здравствени причини.

Со трендот на избегнување контакти со „таквите слоеви" сведочиме и на враќањето кон некои темни времиња - на стравот од „дегенерација" како последица од дружењето со погрешни групи на луѓе, инвалиди, болни со физички хендикеп... кој во 19-от век беше доста распространет меѓу мажите, белците и припадниците на граѓанството. Како и тогаш, така и денес постои врска меѓу економијата како наука и перцепцијата за, во суштина, расната дисквалификација и дискриминација дека некој со телесни разлики, или хендикеп, е пониска класа од другите. Зарем по 150 години прогрес општетсвото се уште е заглавено во овие предрасуди? Очигледно - да.

Владеат критериуми дека предмет на респект е оној што е млад, виток, енергичен и во добра кондиција, тој е економски потентен да создава, да се богати себе и своите соработници. Денес тој хомо-економикус се јавува во облик на менаџерски идентитет што го идентификувал Роберт Конел. Тој менаџерски идентитет важи на сите нивоа на општеството - важи во еднаква мерка за жените како и мажите, како за работниците така и за менаџерите и сопствениците на фирмите или капиталот. Така еден прирачник за себе-менаџирање нè прашува: - „Дали сите делови од вашата личност се во потполност мобилизирани? Работи ли секој дел од вашето тело во склад со вашите способности за да можете да дадете најдобар учинок?"

Овој принцип сосема јасно и отворено е расистички и дискриминатосрки кон дебелите луѓе, дефинирајќи ги како луѓе со физички хендикеп, неспособни за константни и врвни резултати во бизнисот. Како потенцијално или стварно сиромашни, а причината е - тоа што се дебели. Ако се доддадат и широко распростаранетите тези дека дебелиот ќе ве зарази со својот немар и недоговорност кон себе, пораката е - бегајте од дебелите. Ништо различно од пред еден-два века: бегајте од црнците, хомосексуалците, болните од туберкулоза. Современото време, додека се фали со својата хуманост и толерантност кон различните, на мала врата низ медиумите и навидум стручните анализи форсира крајно редаикален, реакционарен принцип на физичка дискриминација.

Овој однос во неолиберализмот се повеќе се заострува. Уште во текот на 1980-те и 1990-те настанува - првично само во САД, а потоа и во Европа - нов општествен идеал: фитнес, џогирање, природна исхрана, војна против пушењето и другите општествени форми на однесување стануваат израз на новиот животен стил, а предупредувањата кои се поврзани со нив упадливо се надоврзуваат на идеалите на европските средни класи. Колку повеќе поединецот е поблизок кон овој наметнат идеал, толку се поголеми неговите шанси за општествен подем и друштво со побогатите од себе. Кој не е во тој стил, тој не заслужува шанса и внимание.

Ова е тој современ начин на длабока дискриминација. Може ли градежен работник, возач на камион, таксист кој работи десет часа во денот, или работничка на машина во текстилната индустрија да најде време и пари за еколошка храна, џогинг, фитнес, енергетски пијалоци... за да биде дел од средната класа и се дружи со нив? Тешко. Со тоа, автоматски, за овие луѓе вратата на среданата класа е затворена.

Истовремено, најпрво во САД и Британија, а со влезот во новиот милениум и во Германија, се развива дискусијата за перманентна, биологизирана поткласа која наводно веќе со генерации живее само од државна помош, и која според своите вродени предиспозиции е неспособна за напредок низ образование и системска, редовна работа. Во САД и во Велика Британија на таа нова поткласа буквално ѝ е објавена војна. - „Тие луѓе не се обвинети само заради нивната сиромаштија, туку тие сè повеќе се сметаат и за луѓе од понизок вид, на кои заради нивните асоцијални културни традиции и биолошка склоност кон зависности, прекумерна сексуалност, криминал и пониска интелигенција и... физичка инфериорност предизвикана од дебелеењето - едноставно не е можно да им се помогне со образование."

Дали воопшто има разлика во овие современи дискриминации со оние од 18-тиот или 19-тиот век поради кои се случуваа побуни, револуции и паѓаа кралства за да се воспостави нов, правичен однос и општетсво еднакво за сите. 

И Хелмут Ротка, од Германската академија за прехранбена медицина, денес дебелината ја смета за штетна за кариерата: кој е дебел, тој многу потешко се пробива до управните одбори. А ако пријателството со дебелите, и тоа со дебелите од поткласата, ја загрозува и сопствената општествена положба, кој тогаш не би ја избегнувал таа опасност? Дебелината се третира како зараза, би бил заклучокот по овие зборови на Хелмут Рорка.

Телото денес игра незанемарлива улога во прашањата за успех и неуспех. Полот и бојата на кожата и понатаму претставуваат важни аспекти на пример при вработувањето на идните банкари, бидејќи од нивната надворешност се изведуваат заклучоци за нивната способност. Експертот за менаџмент Линда Мекдауел забележува екстремна телесна униформираност меѓу младите лондонски банкари: речиси сите се белци, и притоа со просечна висина и соодветна тежина негувана со бескрајна низа од фитнеси, селектирана храна и џогинзи до изцрпување на телото. Барем делумно, и самите се свесни за тоа. - „Знаете, сепак ние сите сме само клонови на иделаниот банкар" го коментира овој феномен еден од нив, додека неговиот постар колега напоменува: - „Навистина е чудно што сите изгледаат исто како кога ќе се појават тука на 25 или 26 години."

Да, после се, откако ќе се имаат пред себе теориите, анкетите, истражувањата, анализите но и она што многумина можат да го видат во секојдневната пракса речиси општ заклучок е дека современиот бизнис наметнал нов вид дискриминација, според состојбата на телото: дебелите се инфериорни, неодговорни и неспособни за сложени дејствија во професијата и во континуитет. Последниве 15 години медиумите и самите успешни млади бизнисмени од средната класа наметнаа и модел, речиси роботизиран изглед на пожелен бизнисмен и успешен човек од средната класа: тој е типичен но, никогаш не е дебел. Дебелината е симбол за сиромаштија, и пониска вредност на социјалната скала. Според нив, непожелна за соработник или пријател со кој не можата да ги делат часовите поминати на фитнес и џогинг. А штом немаат заедничко време, немаат ни заеднички цели. Дебелите се осудени на пропаст во современиот свет.       (vecer.mk)

Поврзани

Најнови вести

Коментари