Вечер тема

Краток водич: кои се и што се НАТО

НАТО, или Северноатлантската алијанса е меѓународнa безбедносна организација која била создадена со потпишувањето на Североатланскиот договор на 4 април 1949 година. Седиштето на НАТО се наоѓа во Брисел, Белгија и организацијата претставува систем за колективна одбрана со кој нејзините држави членки се обврзуваат за заедничка одбрана во одговор за напад од надворешни лица.

Договорот од Брисел, потпишан на 17 март 1948 помеѓу Белгија, Холандија, Луксембург, Франција и Обединето Кралство, се смета за претходник на НАТО договорот. Создавањето на т.н. Берлинска блокада довело до создавање на западноевропски сојуз чија цел се темелела на одбрана на организацијата во 1948 година. Но, учеството на САД во тоа време било неопходно за да се спротивстави на воените сили на СССР. Така, одговорот од можниот нов воен напад започнал да се гради веднаш.

Овие преговори довеле до Североатланскиот договор кој бил потпишан во Вашингтон на 4 април 1949 година. Со новиот договор, новата алијанса освен членките од Бриселскиот договор ги вклучувала и САД, Канада, Португалија, Италија, Норвешка, Данска и Исланд. Договорот не бил прифатен еднострано. Така, веќе во март избувнале големи антинатовски немири во Исланд.

Согласно член 5 од договорот: „ Државите членки се согласуваат дека еден вооружен напад на една или повеќе земји членки во Европа или Северна Америка ќе се разгледува како напад на сите нив и секоја страна се согласува дека при таков напад, во силата на правото за индивидуална или колективна самозаштита, признато од член 51 од Уставот на ООН ќе укаже помош на нападнатата членка или нападнатите членки ако сметаат за неопходни, вклучително и употреба на вооружена сила, за воспоставување и подржување на сигурноста во Североатланската зона. "

Такви дејства, кои се сметаат за неопходни, вклучително и употреба на вооружена сила, не означува дека другите држави членки директно се обврзани да реагираат со воени дејства. Тие се должни да одговорат на тоа, но да го зачуваат изборот и начинот по кој би реагирале при една таква ситуација. Ова од своја страна се разликува од договорот од Брисел каде тоа било задолжителна обврска. Еден пример околу овој член е неучеството на НАТО во Фолкландската војна помеѓу Велика Британија и Аргентина во 1982 година. За прв пат во историјата на договорот, САД се повикал на член 5 на 12 септември, 2001 година по терористичките напади.

Создавањето на алијансата довело до некоја постандардизација на сојузничката воена терминологија, процедура и технологија, кое во многу случаи означува користење на практиките на САД од европските членки. Стандардизацијата била уредена со околу 1300 договори. Во почетокот на 1950 година била воведена 7,62 × 51 НАТО пушка како стандардно оружје. ФН ФАЛ станала една од најпопуларните и најкорисните оружја во деведесеттите години на минатиот век.

Во првите неколку години, НАТО претставувала еден вид обична политичка асоцијација. Првиот генерален секретар на НАТО е Хастингс Исмеј, кој изјавил дека целта на организацијата е „одбрана од СССР, под раководство на САД и Германија да се држи потчинета". Како резултат на важната, доминантна, улога која Велика Британија ја добива во алијансата, Франција во 1966 година се повлекла од НАТО пактот.

Со паѓањето на Берлинскиот ѕид во 1989 година, главната цел на алијансата станала придобивање на земјите кои претходно се наоѓале под влијание на Советскиот сојуз, т.н. Источен блок, односно поранешните членки на Варшавскиот договор. Ова пред сè се однесува на земјите од Балканскиот Полуостров, кое доведе до проширување на алијансата во 2004 година (Бугарија, Романија) и 2009 година (Хрватска и Албанија). Во 2009 година требало и Република Македонија да пристапи кон алијансата, но поради недоразбирањата со Грција околу името Македонија, таа го блокирала пристапот на Букурешкиот самит.

Првата воена операција на НАТО била извршена во Југославија. Конфликтот во Југославија започнал од 1993 и неофицијално завршил во 1996 година.

НАТО вовел воено ембарго и економски санкции на СР Југославија. На 28 февруари 1994 година, НАТО ги презел првите воени дејства врз босанските Срби. Операцијата Deny Flight започнала една година порано на 12 април 1993 година и продолжила до 20 април 1995 година. Бомбардирање од страна на НАТО имало и во август 1995 година против армијата на Република Српска, по масакрот во Сребреница.

Воздушните напади на НАТО силите „помогнале" да се стави крај на војната во Босна и Херцеговина, и како резултат на тоа бил потпишан Дејтонскиот договор. Спроведувањето на договорот се одвивало под мандатот на ООН, користејќи ги од НАТО т.н. многунационални сили под името ИФОР (IFOR – Implementation Force), кои во себе ги вклучуваат силите на УНПРОФОР (UN Protection Force). Договорот започнал да важи од 20 декември 1995 година. По една година овие сили се трансформирале како СФОР (SFOR – Stabilisation Force). Кон крајот на 2004 година, командувањето на овие сили преминало под контрола на Европската Унија.

НАТО бомбардирањето на Сојузна Република Југославија (или Операцијата Сојузничка сила според НАТО) е воена операција на НАТО против Сојузна Република Југославија што траеше од 24 март до 10 јуни 1999 година, како дел од Косовската војна. Тоа е втора поголема борбена операција во историјата на НАТО, по бомбардирањето на босанските Срби во 1995 година.

По терористичките напади од 2001 година врз САД, алијансата се насочува кон нови предизвици, ангажирајќи војски во Авганистан и Ирак, со што се смета дека НАТО ја надминува таканаречената „Криза на индентитетот" од 1990-те години.

Терористичките напади на 11 септември 2001 година довеле НАТО пактот за прв пат во својата историја да се повика на член 5 од Уставот на НАТО. Членот гласи: Нападот на која било држава означува напад против сите членки. Операцијата Active Endeavour имала за цел прекин на терористичкото снабдување со оружје за масовно уништување, како и засилување на сигурноста во воздухопловството. Операцијата започнала на 4 октомври 2001 година. Во нападите загинале вкупно 2.998 луѓе, од кои 2.603 во Светскиот трговски центар, 246 патници во киднапираните авиони, 125 во Пентагон и уште 24 лица се исчезнати. Во овој збир не се вклучени загинатите 19 терористи.

САД објавиле Војна против теророт во рамките на која презеле широки воени, полициски и разузнавачки мерки за апсење и уништување на познатите терористички групи ширум светот. Во рамки на Војната против теророт, НАТО го нападнал и освоил прво Авганистан во 2001, а потоа коалиција предводена од САД го освоила и Ирак во 2003, како земји кои го поддржувале тероризмот.

По самитот на НАТО деновиве, Македонија е поканета да биде 30-та членка на НАТО Алијансата. Поканата доаѓа после десет години аплицирање и позитивни оценки на НАТО за нашето кандидирање, но поканата не можеше да биде врачена поради блокадата од страна на Грција, членка на НАТО. Речиси сите наши соседи и земји од блиското опркужување како Грција, Бугарија, Албанија и Црна Гора се веќе членки на НАТО Алијансата

Поврзани

Најнови вести

Коментари