logo
logo
logo

Понеделнички

Жими се, не сум јас

Vecer | 16.01.2022

Жими се, не сум јас

Еден од Марфиевите закони вели: Направи систем што и будала може да го користи, на крај само будалите и ќе го користат. Е па, ние имаме таков систем на владеење, што за будали е правен, и само будали го користат... Другите гледат сеир и се чудат. И трпат, затоа што секогаш имало и бетер. Тоа секогаш – е сега.

Поминавме години во страв и грч. Од последниов, ќе има ли струја и парно греење, преку вакцинациите, корупција на секој чекор со која човек не гледa никаква иднина и сигурност за себе, страв да не се најдеш на патот на нарко дилерите што владеат со улицата, судии што примаат наредби од партиски и владини телефони, епидемија без здравствен систем и вакцини, да не те однесе несреќа на државна клиника па ако преживееш да отидеш со една болест а да се вратиш со други две... Дерман се нема со лудаците кои ја преземаа лудницата. А ние гледаме сеир, и трпиме, и се тешиме дека тоа му се дешава на некој друг. Засега, додека не дојдеш и ти на ред, а ќе дојдеш.

Што вели големиот Меша Селимовиќ: Плаши се овна, плаши се говна... проѓе живот.

Ако има струја и парно, тоа ќе биде платено по ултра висока цена, од буџетот. Преплатено над реалното од нашите пари за здравство, образование, за плати и пензии. Не го плаќа тоа некој друг, туку ние. Струјата е тука затоа што ја плаќаме пет пати поскапо отколку сами да ја произведуваме, а не ја призведуваме затоа што власта со план не набавила на време ќумир и мазут туку, за да се заработи од корупција и посредници, на нив лично повеќе им се исплати да ја купуваат со 500% повисока цена. Исто е и со парното.

И сега добивме нова влада. ОК, на прв поглед изгеда нова иако со компромитирани ликови како министерот Маричиќ кој од позиција министер за правда се закануваше на судии, а преку Ташнаревиќ Оливер и директно влијаеше на низа судски и обвинителски одлуки, оваа влада останува со црви во јаболкото. Прашање на време е кога ќе скапе.

Затоа, смената на Маричиќ со професорот Тупанчевски е единствена министерска позиција на која гледам надеж за промена. Полоша од владата на Заев не може да биде, прашање е дали може да биде подобра. Корупцијата и контрола на судството е клучот.

Црвите од владата се разбегаа уште кога јаболкото почна да се тресе, пред да падне. Уште по изјавата на нивниот, и само нивниот Зоран Заев, дека дава оставка Радмила Шекеринска, Мила Царовска, Венко Филипче, Оливер Спасовски... изјавија дека во новата влада нема да влезат. Небаре во влада влегуваат затоа што тие сакаат, а не дека некој ги бира нив. Никола Димитров и Ирена Сорос Стефоска мрчеа, се опираа, ама исчуреа.

И штом им падна владата почна она, познатото: не сум ја жими мајка, други го правеа тоа.

Во овој список не ја спомнувам Радмила Шекeринска, хроничен канцер на СДСМ и Македонија. Прво, таа се подразбира меѓу лузерите, а второ недостојна е за опроштај. За неа Србите имаат перфектен израз - “уљез“,

Ирена Сорос Стефоска после четири години пратенички и минстерски мандат глас не пушти за албанизацијата на Македонија, уништувањето на Охрид и губењето статус во УНЕСКО, како ни за бугарскиот ултиматум и негирање македонски јазик и култура. Едноставно, не сакала да се меша во својата работа. Да не се замери никому, раат да е.

Оливер Спасовски исто така уште по изјавата на Зоран Заев за негова оставка најави дека се повлекува сам од позицијата прв полицаец. Превентивно, откако Максим Димитревски го прегази на изборите во Куманово. Арно ама, за него знаев дека нема да биде сменет. Со години ги следи и им собира забелешки, разговори, средби на сите околу него па ни Заев ни свети Заев не може да го смени без ризик за себе. А ризикот е голем.

Оливер Спасовски , нели, нема врска со владеењето на нарко клановите, со 200 пасоши издадени надвор од закон на балкански нарко дилери, ни со корупцијата на секој чекор, ни со рекетите... Не, ни он не се меша во својата работа. Како ни Венко Филипче, кој замина без поздрав и да се заблагодари за довербата, за поклонетата функција на човек кој за еден манадт изгради две куќи, беше вмешан во пет тешки корупции, во пожарот во Тетово и глумеше порт парол за време на епидемијата со скоро 8.000 починати.

Мила Царсока, која ги учи нашите деца дека немаат татко и мајка туку родител еден и два, и дека книгите се забранети за учениците, изгради куќа дури откако стана министерка. Се прослави со изјавата дека ДУИ проневериле 19 милиони евра од пензискиот фонд по што заќуте, и почна да гради куќа. Па така, на крај, сите се задоволни. И она е невина, само ја спроведувала политиката на Заев и владата. И добро е преплатена за ќутењето.

Од пејачите на песната “Жими мајка, не сум јас...“ најмногу ме импресионира претходно министерот за надворешни работи, а потоа вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров. Како француски клуч, кадар за секоја политика и за сите намени. Оној што го потпиша Договрото од Преспа со Грците и го прекрши Уставот бидејќи такви договори потпишува само претседателот на државата. Ако сте заборавле, Македонија има и претседател, Стево Пендаровски се вика. Оној, “Бојко љубави...“ да, тој.

Тој Никола Димитров, после сите удари со болки и рани врз македонското национално ткиво и идентитет што ги направи заедно со Зоран Заев во пазарењата со Грција, Албанија и особено Бугарија, ладно зборува дека го избркале од новата влада затоа што се залагал за чување на идентитетот и јазикот под ултиматумот на Бугарија! Он ги чувал и се борел за нив, Никола Димитров, француски клуч со кој се размонтира националниот идентитет.

Без да одам во детали, потсетувам дека Договорот од Преспа, во точките 1, 3 и 7 кој неуставно го потпиша Никола Димитров, се содржи откажување и ограничувања на националниот идентитет кои, потоа, Бугарија ги користи во својот ултиматум. И, затоа, момак не глуми пост фестум жртва за национални права бидејќи ти си егзекутор на злосторството кое Зоран Заев, за сопствен профит, го планирал и договарал. Тоа што не си учипен во неговите милионски заработки, па сега мрчиш, е само твој завидлив карактер.

Патем, Никола Димитров до детали појасни дека Албанците, министерот за надворешни работи Бујар Османи и ДУИ, планирале да го прифатат ултиматумот на Бугарија и во наше име да се откажат од македонската историја и македонски јазик. Што беше познато и од порано но, сега имаме квалификуван сведок за тоа. Политиката на балистите и Бугарите од Втората светска војна е на дело. И тогаш, и сега, истите страни и меѓународно мешање.

Пратеќи вокал на Никола Димитров во овој хор на нивната химна “Не сум јас, жими се...“ му е деценискиот директор на фондацијата Сорос во Македонија, сатрап на секое слободно граѓанско и политичко мислење во државава, Владимир Милчин, ем директор на невладина мега организација, ем функционер на партијата СДСМ во исто време.

Три децении Владимир Милчин, преку Фондацијата Сорос Отворено општество Македонија и над 50-тина клонови на оваа “невладина“ мафија вршеше до скоро терор над секоја слободна мисла, медиум и иницијатива која не е под контрола на Сорос Фондацијата и неговата партија СДСМ. Уби во поим секаков обид за алтернативно граѓанско здружување, а по судови и медиумски прогони поминавме стотици од нас. Организраше и протести пред телевизии против новинари. Он, фашизоидно, организираше и собирање на над 20 луѓе за тужба пред суд против новинар а меѓу потписниците, освен него, ја стави и женаму. Тоа не се заборава, ниту се пере.

Е тој Владимир Милчин сега се залага за одбрана на македонскиот идентитет, нација и јазик нападнати од бугарскиот ултиматум. Уште еден лик кој ја пее “Не сум ја, жими се...“. Он, откако три децении по кал и судови влечеше, во мегнеме стегаше слободни глави кои не ги контролира а се залагаа за македонската нација, сега одеднаш, стана Македононец.

Сорос Фондацијата со децении беше партиска единица на СДСМ за масовни политички операции против сите од другата политичка страна. Со време, и со десетици милиони евра испумпани од властите на СДСМ во корист на соросидите, тие станаа силни. Монструм вон контрола. Сега СДСМ се соочува со тоа зло во сопствениот двор. Она што го гледаме со и по оставката на Зоран Заев и доаѓањето на Димитар Ковачевски, во својата основа, е борба помеѓу соросоидите и изворните партиски активисти надвор од соросоидите, така наречени бранковисти, кои не прифаќаат Сорос контрола над СДСМ.

Соросоидите, незаинтересирани за било какви национални и политички интереси, а алчни само и само на кеш, ладно поддржаа Тиранска платформа, грчко вето, бугарски ултиматум... само нивниот избор Зоран Заев да е премиер, и да тече кај нив во џеб од државната каса колку е можно повеќе. Од Фонд за иновации па преку десетици други измислени проекти за мандатот на Заев кај соросоидите истекоа над 20 милиони евра.

Соросоидите, платени, мижеа пред корупцијата а и самите беа дел од неа, и тоа до гуша. Поддржуваа се што му треба на Заев за власт без победа на избори: Преспански, Тиранска, Бугарски ултиматум... Ги величеа своите во владата: Венко Филипче, Радмила Шекеринска, Бојан Маричиќ, Ирена Стефоска, Мила Цароска, Јован Деспотовски... Но, јадрото на СДСМ кое не е на платеничкиот список на соросоидите доцна разбра дека тоа партијата ја носи во неповратно поништување и порази. И дојде смената на Зоран Заев...

Упадливо е дека во новата влада, освен Бојан Маричиќ, ги нема соросоидите. Нема да го прифатиме нивното “ Нови сме, не сме ние жими се...“. Со нарко мафијата, соросоидите и тендерашите дојдоа на власт, владеат коруптивно, и тоа е нивниот карактер.

Очекуваме, брутално јасно и прецизно, да покажат дека го демонтирале нивниот коруптивен, криминален и диктаторски систем, и дека донеле одлуки со кои се санираат последиците од делувањето на тој систем. Ако останат на зборови, нека се спремаат за избори кога ние ќе им го демонтираме тој криминален и диктаторски систем.

Д.П. Латас (17.01.2022)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk