logo
logo
logo

Понеделнички

За Порошенко се секирам

Vecer | 23.01.2022

За Порошенко се секирам

Се сеќавате на државниот удар во Украина во февруари 2014 година, нивната “шарена револуија“ после која беше урната власта на украинскиот претседател Виктор Јанукович а на негово место дојде Петер Порошенко кој ја донесе “демократијата“ во Украина после државниот удар. Е па, тој Порошенко, денес во Украина го судат за државно предавство.

Гледајќи ја судбината на Порошенко, дојден на власт после државен удар да ја “демократизира државата“ што го наплатил во милионски кеш потоа, некако без моја воља ми текнува на нашиот Заев. Ми иде мислата од виша сила, не е до мене. Што би рекле Србите: што је отето, то је проклето. А власта на Заев е грабната на сила, без победа на избори. После грабањето продолжи масовно, на кеш и тотална власт на Фамилијата.

Затоа, да сум некој од Фамилијата Заеви, редовно би читал украински портали да видам како напредува случајот со Порошенко, и би бирал со време место во Аргентина. Кеш се има. Бизнисите во Бугарија и Швајцарија ги се доволни за убав живот околу Буенос Аирес. Побезбедно е отколку да чекаш добра воља од идната власт и милост од нарко дилерите. И на Порошенко странците му гарантираа мирен и слободен живот, а види како излезе.

А работата веќе мириса на промена на власта. Не се тоа само анкетите во кои рејтингот на СДСМ се топи како снег во март, туку и скандалите со корупции на секој чекор откако паднаа градоначалниците на СДСМ и ДУИ па се откриваат по пет-шест корупции дневно. А тие корупции, до последна, се врзани со владата. Обвинителството на СДСМ и ДУИ, како и нивните судии, молчат, премногу се зафатени со прогон на опозицијата и новинарите. Но, ни тие не се вечни, други ќе ги работат нивните предмети а не ликовите од СЈО.

Последно а шокантно е корупцијата на Демократски сојуз на Павле Трајанов во која Борче Јакимовски, неговиот директор на скопскиот паркинг сервис, проневерил, ја оштетил државата за 2 милиони евра со издавање без плаќање 400 паркинг места на функционери на СДСМ и ДУИ. Украл, или изел, една добра градинка во Скопје со тие 2 милиони евра.

Која е таа политичка елита на власта која не вади од џеп ни паркинг да плати, замисли како се понашаат за поголеми трошоци. И тие ќе ти ја бранат државата од бугарски и грчки ултиматум, од агресивна албанизација на Македонија, од епидемија... Не им се надевај. Кога се продаваат за паркинг место, што можеш од нив да очекуваш кога ќе им се понуди здрав кеш за гласање во Собрание, кога како Бучковски ќе ги стават за преговарачи со Бугарија, кога ќе делат пасоши за балкански нарко дилери по 20-30.000 евра за секој.

Како тотална бламажа на се е што истиот Павле Трајанов, чиј партиски директор е фатен во проневера, се заканува дека ќе излезел од власта ако СДСМ и ДУИ не подржеле една наместо сегашните шест изборни единици. Нафатирани до гуша можат да излезат од власта, доволно заработија до сега но, нема да излезат. Се плашат од обвинителството и судовите што се под команда на СДСМ и ДУИ. Во скут им се. Има и зошто да се плашат.

ВМРО ДПМНЕ поддржа предлог за една изборна единица, и Павле Трајанов заќуте. Не е баш сигурен дека му треба тоа. Една изборна единица е ОК, но со обавезен цензус, според европски стандарди, од барем 3-5% освоени гласови за пратеник. Сега, со шест изборни единици за пратеник треба минимум 6-7.000 гласови во една изборна единица, за цела територија ако не може партијата да освои барем 30.000 гласа за да има пратеник тури и пепел на таа партија. И онака малите партии, претежно, служат за рекет и дополнителна корупција. Последен пример е Алтернатива, позиција за која сонуваат Демократскиот сојуз, ДОМ или ЛДП. Да фали еден пратеник, и да се наплатат милион евра по човек.

А може да фали еден-два пратеника, и тоа наскоро. Претседателот Стево Пендаровски со сите сили се труди да помине бугарскиот ултиматум па најави дека треба Бугарите да влезат и во Устав, додека Македонците таму се бришат. Не морало да има две третини мнозинство, тешко ќе одело тоа со оглед на противењето на ВМРО ДПМНЕ. Затоа да се гласа со мнозинство од 61 пратеник. И, ете шанса за наплата на малите партии.

И стево Пендаровски, и новиот шеф параде Бојан Маричиќ, прославен како министер за правда кој гони опозиција и контролира обвинителството и судство, се откажуваат од Македонците во Бугарија. За нив таму Македонци нема, а ако некој во Бугарија мисли дека е Македонец - Маричиќ го советова да оди на суд, да тужи. Тужеа они, над десет европски пресуди има против Бугарија за тоа, ама немаат наша поддршка.

Според нив, единствено македонско малцинство за кое се грижат е ова, во Македонија.

Во нашиот Устав, член 49, пишува: “Републиката ќе се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и иселениците, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив...“ Толку од Уставот и обврските на претседателот Стево Пендаровски и вицепремиерот Бојан Маричиќ да го почитуваат.

Кога претседател и министер на држава јавно делуваат против сопствениот устав можеш ли од нив да очекуваш независно обвинителство и судство, борба против корупција, поштени тендери... никако, ни на сон. Дај им паркинг место, два тендери и пет вработувања и ќе те слушаат како дресираните магариња на нивниот Фонд за иновации.

А Фондот за иновации, еден од главните кеш генератори на партиска корупција, пропагандата, како и поткуп за партиските медиуми и “невладините“ организации сега падна во рацете на ДУИ. Од лепливите раце на Јован Деспотовски и Коста Петров од СДСМ, падна во немилост на ДУИ. Можеш само да замислиш како сега ДУИ ќе дели 20 милиони евра годишно. Давањето на Фондот за иновации на ДУИ беше последен удар на Зоран Заев врз соросоидите кои го загубија, а со тоа исчуреа и дел од милионите за нив. Тоа е сериозен удар во нивниот ланец на исхрана. Ја очекуваме реакцијата .

Мрачно е во државава. Според Транспаренси интернешнел, Македонија со оваа власт е најкорумпирана држава во регинов, по корумпирана и од Косово, ако некој воопшто Косово го смета за држава со сите критериуми бидејќи не се членки на Обединетите нации каде што се таксативно наброени сите држави. И тие, такви, се подобри од нас.

Но, верувам дека ниедна ноќ не е за довека. Има разденување, покасно или порано. Нашево е на повидок. По локалните избори се гледаат нови ветрови, нови ликови и нови политики кои се тотално различни од власта на СДСМ и ДУИ. А кога се тотално различни, различни им се и резултатите. Полоши и СДСМ и ДУИ можат да бидат само тие самите.

Во оваа прилика, за мене, насјветла точка за новата власт во градовите и општините е скопската градоначалничка Данела Арсовска. Има и други светли точки низ Скопје, во Аеродром, Кисела вода, Гази Баба, во Бутел... Зборам за Скопје пошто нивната работа можам лично да ја следам и гледам, а слушам позитива за Охрид, Битола, Штип, Прилеп...

Данела Арсовска не ја познавам, никогаш не сум ја ни сретнал, па имам привилегија да следам и ценам што и како работи без субјективно влијание како кон познаник. А ценам дека според пристапот, моделот на работа, профи односот кон задачите и проблемите е освежување, нов лик за нова надеж каков што Македонија одамана немала. Без претерување, со три децении искуство во политикава, моја проценка е дека Данела Арсовска е формат за министер, премеир или претседател, а ќе оди натаму ако ја заврши добро својата работа на оваа, главна градоначалничка позиција. Почна одлично.

Данела не е затруена со актуелнава политика, партиските комбинации, не е врзана со тендераши. Доаѓа од бизнис светот, од позиција претседател на Сојузот на стопански комори и видливо е дека донесе нов пристап и модел на политичко владеење: да се постави јасен план, да се одбере профи тим, да се зададат рокови и да не се лигави со лузерска пропаганда од типот “ќе го вратам духот на Скопје, ќе го направам Скопје европска метропола...бла, бла, бла“. Не. Она објави програма за јавен превоз, за патишта, водовод, канализации, осветлување, култура и туристички развој на Скопје. Конкретно, како што на времето правеше радникот Коце Трајановски, сега Данела го усовршува тоа.

СДСМ и ДУИ го препознаа сето ова кај Данела, опасноста дека таа носи нови и чисти политики кои се закана за нивните мрачни корупции, клевети, прогони и пропаганда. Од сите нови градоначалници Данела Арсовска е најнапаѓана од пропагандистите на СДСМ и ДУИ. И тоа со причина. Ако нејзиниот модел успева, нивниот мрачен модел – паѓа.

Данела мора да ги истрпи овие напади од СДСМ и ДУИ, тоа е цената на успехот. Најмногу е удиран на терен оној што е најопасен за противникот. Млитавите и блентавите никој не ги ни спомнува, и да биде горда на себе што е главен таргет на власта. Додека е така, има потврда дека го погодила осилото. Како најавата дека ќе истражува каде отишле 12 милиони евра кои Шилегов ги земал од продажбата на градската куќа. Каде се потрошени 160 милиони евра колку што е долгот на градот Скопје. Тоа е еден ипол годишн буџет. Шилегов го остави Скопје без пари за наредните 18 месеци. Корупциите со Зоолошка ...

Нека не се грижи кога полицијата на Оливер Спасовски гаси семафори во сообраќаен шпиц а пропагандистите потоа ја прозиваат градоначалничката... Кога нема парно греење во Скопје ја прозиваат Данела, а владата на СДСМ и ДУИ издава лиценца и го контролира БЕГ. Јасно им е на скопјани што се случува. На последните локални избори скопјани покажаа дека не се глупа аморфна маса која можеш да ја дразниш со валкана пропаганда и да ја храниш со шарени политики држејќи ја гладна, излажана, ограбена и дезориентирана.

Данела побара поддршка, и ја добива. Рече дека не очекувала трикови и валканици од

власта, па дури и напади по семејството. Клучно е кога констатираше дека на начинот како се однесуваат пропагандистите на СДСМ и ДУИ се запира влез на нови и поштени луѓе во политиката кои не се спремни да ги трпат нивните местенки и плукања. А токму тоа и е намерата на СДСМ и ДУИ, да нема нови во политиката. Да не се менува ништо.

Оваа нивна политика сега е извозно ориентирана. Во светот извезуваме готови производи како доктори, инженери, мајстори... а сировините остануваат тука – и владеат.

(Д.П. Латас, 24.01.2022)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk