logo
logo
logo

Мартина

Вандализам, демократија и полициска бруталност според Оливер Спасовски

Vecer | 06.07.2022

Вандализам, демократија и полициска бруталност според Оливер Спасовски

Утрово прелистувајќи ги вестите за вчерашните тензични протести ми падна во очи изјавата на нашиот ни министер за внатрешни работи Оливер Спасовски кој вели „Нападот врз институции и полицајци е вандализам, а не демократија“.

Претпоставувам дека кога го зборува тоа мисли и на неговите сопартијци, неговиот довчерашен лидер и Премиер и директно признава дека на насилните протести на 5 мај 2015  година кога го рушеа „режимот“ на Груевски СДСМ удриле директно по Македонија додека ја напаѓаа Владата и полицијата пред Владата при што повредени беа 35 полицајци.

Не дека се изминати многу години по ескалирањето на тие протести, а Оливер Спасовски е релативно млад човк верувам дека се сеќава за тоа што кажал и ставот кој го имал за тие протести, но ајде ние да се па ајде потсетиме како тогаш од позиција на Генерален секретар на СДСМ на својата Фејсбук страна напиша свое видување на настаните од претходниот ден:

Реакцијата на македонската полиција против сопствениот народ е најголем срам за МВР и Владата на ВМРО-ДПМНЕ! Институциите коишто ги финансираат граѓаните преку даноци, такси, казни треба да се нивен сервис и заштитник! Затоа припадниците на МВР треба да знаат дека интересот на граѓаните е врвен приоритет во секое демократско општество. Државата Република Македонија е НАРОДОТ а не власта!

Очигледно тоа насилство било оправдано и изблик на демократско однесување на толпата која го проби полицискиот кордон протестирајќи против владата на Груевски, а пробивањето на полицискиот кордон на протест против Францускиот предлог со кој се брише македонскиот идентитет, е вандализам, а не демократија. За тоа дали и колку вчерашните инциденти беа испровоцирани и најавени од првите луѓе на власта нема да коментирам.

Истиот тој Спасовски не гледаше проблем во тоа што Заев, Шеќеринска, Шилегов и други челници на СДСМ фрлаат со боја по институциите. Тоа тогаш беше демократија, перформас де не вандализам. Шо има врска што се урнисуваа фасади на институции направени со пари на граѓаните, режим рушеа...имаа име на држава за менување, оправдано беше.

 

Да се потсетиме и дека ден по амнестирањето (13 април 2016 година) на 56-темина високи функционери од ВМРО-ДПМНЕ и нивни помошници, од претседателот Ѓорге Иванов се случија насилни протести при што беше демолирана Народната канцеларија на Претседателот на државата, имаше повредени демонстранти, новинари, а Министерството за внатрешни работи како технички министер го водеше токму Оливер Спасовски (од 11 ноември 2015 година до 18 мај 2016). Е сега она што е интересно е дека порталот САКАМДАКАЖАМ објави вест дека Полицијата се однесувала нечовечки кон шарените револуционери и ни еден полицаец не бил казнет, повикувајќи се на извештајот од Народниот правобранител за почитувањето на човековите права.

„Малтретирање во вршење на служба и нечовечко, понижувачко и нехумано постапување на полицијата констатиравме на масовните протести на граѓаните против одлуката на претседателот за помилување на поголема група функционери и службени лица, како и при транспортот на обвинетите во кумановскиот случај“, изјави Омбудсманот Иџет Мемети кој предупреди дека „ниту истрагата, ниту собраните докази не беа доволни за Република Македонија да докаже дека има ефективна истрага против полициската бруталност и казнување“. Со тоа, според него продолжува неказнивоста на полициските службеници што е појава која придонесува граѓаните да не се чуствуваат сигурни.

 

Навистина е интересно како во два наврати кога Оливер Спасовски го води Министерството за внтарешни работи полицијата применува прекумерна сила кога ескалираат протестите, но да не бидам малициозна само ќе кажам дека аналогно на неговата изјава од 2015 година, полициската бруталност од 2016 година како и вчерашната прекумерна употреба на сила на дел од полицијата врз демонстрантите, очекувам во текот на денешниот ден да ја депонира оставката до Премиерот Ковачевски и во истата да си го потврди ставот дека „припадниците на МВР треба да знаат дека интересот на граѓаните е врвен приоритет во секое демократско општество. Државата Република Македонија е НАРОДОТ а не власта!“

 

 

Мартина Басарова Ѓеровска

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk