logo
logo
logo

Корто Малтезе

Погазена беса

Vecer | 08.12.2021

Погазена беса

Покојниот Дарко Марковиќ со неговиот Пецко знаеше да долови цела реалност со пар зборови, да убоде у центар, и направи дар-мар во мозокот на тој што бара одговори за вукојебинава во која не фрлил некој пијан штрк.

Еднаш имаше еден стрип составен од три слики. Пецко и Албанецот седнати на шанк у кафана. Или чајџилница. Пецко го прашуе: “Ќе научиме ли да живееме некогаш заедно?” Албанецот му враќа: “Пецко… ова живот ли е?”

 ***

Алтернатива доби погача преку леб и го одложи неминовното заминување од политичката сцена во историјата на Зоран од Струмица. А дали некој навистина очекуваше нешто поинаку?! Да не се лажеме. Во овие неколку години владеење, Зоки не беше изоран само од страна на оној кој не (му) побара.

Перверзијата на она што се случи во претходниве три-четири дена е најдобро олицетворен во фактот дека 14 јагленосани тела во тетовската болница не беа доволни да го сменат Филипче, туку мораше да се деси Алтернатива за да премиерот-во-оставка го смени (не)кадарот.

Повторно заигра метлата, мада ситуацијата е толку засрана што веќе сме отрпнале на мирисот. А патем, гомна со метла не се чистат. Можеш само да ги размачкаш, и тек тогаш имаш проблем.

Алтернатива ја погази бесата, а и самата Беса не остана должна, па низ чаршијата се шушка дека се повеќе членови на ултра-албанската партија полека менуваат дресови и се ултра-европеизираат. Прв беше Кастриот Реџепи, кој милом или силом — направи што направи.

За тие што можеби не знаат, “Беса” во албанската култура значи чесен збор, со деликатна тежина која поприма елементи на светост. Тој што “дал Беса”,  се зарекува и гарантира верност и лојалност. Еден од најголемите гревови кои може еден Албанец да ги направи е да даде беса и да не ја испочитува. Тој се смета за човек без образ и чест.

Со газењето на бесата дадена на ДПМНЕ, Левица и Алијанса, двете групации покажаа загрижувачка анти-албанштина на која дури и Љубчо Георгиевски од раните 90ти би позавидел. Истиот тој Љубчо кој сега пропагира заеднички живот меѓу Македонците и Албанци. (Ова живот ли е...?)

Под анти-албанштина алудирам на изневерувањето на албанскиот народ, кој за разлика од македонскиот, не видел никаква промена во претставници или раководни структури. На просечниот албанец му е смачено од криминогената групација ДУИ. ДУИ го изгуби Тетово, Гостивар одамна не е во нивни ланци, а за малку ќе го изгубеа и Кичево, што ќе беше огромен пораз. Среќа нивна што Зоки е поштен човек, па кога ќе стави рака на гради, ќе погледне благо-телеќе и ќе даде беса — се држи до тоа. Ама само кога е во прашање ДУИ. И сите оние кои не и мислат добро на Македонија.

Се имаше златна шанса да се пратат во историјата и Заев и ДУИ. Патем, оној кој мисли дека ДУИ ќе опстои во сегашната форма кога ќе падне од власт е во тешка заблуда. ДУИ се закрвени меѓу себе бар до колена, така да чизмите на Шкодране нема да бидат доволни. Ќе треба онакви заштитни чизми, до препони. Па затоа мора да останат на власт. Целта ги оправдува делата. Не смеат да бидат нежни, мора да бидат груби.

***

Дали опозицијата на чело со Мицковски избрза со објавувањето на новото мнозинство, давајќи им време на СДСМ и ДУИ да се организираат и тргнат у контранапад? Па, има аргументи за тоа. Се прашувам што би се случило доколку мнозинството се објавеше во недела навечер, или понеделникот наутро наместо во петок. Дали и тогаш ќе имаа време да реагираат СДСМ и ДУИ? Нејсе, бидна што бидна. И Роналдо и Меси утињаат зицери.

Потенцијалниот проблем со ваквите ситуации е што може негативно да се одразат врз таканаречените неутрални гласачи. Иди после објаснуј им дека Мицковски е перспективен и стабилен политичар каков што Македонија одамна немала. Факат, можеби му фали малку курназлук на каков сме навикнале кај политичарите, ама па Македонија од курнази имала нула бенефит. (Види: Бранко, Стевчо, Амди…)

А “неутрални” гласачи има се повеќе и повеќе, на “изволте” за оној што ќе знае да ги придобие. Особено меѓу Албанците кои веќе покажаа каква таква повисока политичка свест, малтене раритет во едно политичко-неписмено поднебје како нашето, гласајќи своеволно за СДСМ наместо за ДУИ. Да, поприлично од тие гласови беа со надеж дека и ДУИ ќе биде разобличено со прислушкуваните разговори, но беа излажани. И Заев ја погази бесата.

Не треба да не изненадува доколку добар дел од нив почнат да го гледаат спасот во ВМРО ДПМНЕ, кое веќе покажува никулци на потенцијално отварање кон не-македонците. (Ова не имплицира дека во статутот на ДПМНЕ стои клауза за непримање на не-македонци, баш напротив — партијата има грст немакедонски членови).

Ова е една од точките за која се очекува да се збори на конгресот на ВМРО за неколку дена, а ВМРО има доволно кадарни и паметни луѓе да ја увидат шансата која има повеќе подобни импликации за Република Македонија отколку за самата партија. Да бидеме реални, Македонија нема друго чаре — мешањето ќе биде неминовно. Е тек тогаш навистина ќе тргнеме на патот кон нормализација на општеството и ќе можеме да живееме заедно.

***

Секоја промена е болна, но мора да се направи. И секоја промена почнува прво од себеси, па надаље. Се е прашање на сопствен избор. Генерално животно правило е доколку не донесеш одлука, одлуката ќе биде донесена во твое име. И многу е веројатно дека ќе завршиш исфрустриран и огорчен.

Нашата колективна несреќа е што сме длабоко заглавени у некој ментален муљ, у некоја летаргија, во кој вергламе. А сме доведени до ова од привидната безизленост од ситуацијата. Тоа не точно. Излез има. СДСМ и ДУИ мора да паднат што е можно поскоро, по било која (ненасилна) цена. И секој од нас мора да даде свој допринос.

Затоа што вака веќе не може да се живее, макар и заедно. Животот нема алтернатива.

Корто Малтезе. Чаир, Скопје, 08.12.2021

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk