logo
logo
logo

Минчев

No pasaran (Не поминува)

Vecer | 03.07.2022

No pasaran (Не поминува)

Не верувам дека постои чесен Македонец кој може да прифати вакво нешто.Ова е време невреме за Македонија. Не е време за калкулации и молк. Затоа после долго молчење, чувствувам потреба да го искажам својот став за ова историско и суштинско прашање за македонскиот народ.

-Август, 1903 година, Крушево, Илинденско востание и создавање на Крушевската република. Прва слободна македонска територија со воспоставена востаничка власт, под раководство на Никола Карев.

-Октомври, 1941 година, Прилеп и Куманово. Започнува Народното востание на македонскиот народ против бугарскиот фашистички окупатор, предводено од првите партизански одреди.

-Јануари, 1943 година, Скопје. По пет дневно ѕверско мачење од бугарската полиција биле убиени Мирче Ацев и Страшо Пинџур, а потоа биле фрлени низ прозор, за да се исценира самоубиство.

-Јуни, 1943 година Скопје, село Ваташа, Кавадаречко, од страна на бугарскиот фашистички окупатор брутално се убиени 12 младинци-скоевци, кои кришум им помагале на партизаните.

-Март, 1943 година, Скопје. Депортирани се над 7000 Евреи од Македонија во концентрациониот логор Треблинка во Полска, по предходно потпишан договор помеѓу Адолф Хитлер и Царството Бугарија

-Август, 1944 година, манастир Прохор Пчински, прво заседание на АСНОМ каде се поставени темелите на македонската држава.

Ова се дел од настаните од поновата македонска историја запишани во многу светски енциклопедии и изучувани на многу европски универзитети. Настани, кои го потврдуваат вековниот стремеж на македонскиот народ за формирање на своја самостојна и независна држава, длабоко врежани во битието и душата на секој Македонец.

-Јуни/Јули 2022 година, Скопје. Француски старо (нов) рафиниран, модифициран предлог.

Дали овој предлог ќе ги избрише сите предходно наведени историски настани?

Дали во учебниците на нашите поколенија ќе се изучува некоја нова рафинирана, модифицирана историја?

Дали Илинденското востание ќе стане Преображенско бугарско востание? Дали Гоце Делчев ќе стане бугарски јунак кој работел за бугарските, а не за македонските национални интереси? Дали македонското Народното востание во Прилеп и Куманово ќе стане терористички напад врз бугарската администрација? Дали убиствата на македонските народни херои Страшо, Мирче, Кузман ќе станат убиства на терористи? Како ќе се изучува погубувањето на 12-те млади –скоевци во Ваташа? Од кого е извршена депортација на македонските Евреи во злогласниот логор во Треблинка? Дали првото заседание на АСНОМ ќе исчезне од македонските учебници? Дали ќе биде зачуван Македонскиот јазик или ќе стане бугарски дијалект?

Ова се прашања и дилеми кои се предмет на дискусија во изминатиов период откако на маса е ставен францускиот предлог.

Јасно и гласно сакам да го искажам мојот став во врска со овој предлог. За мене предложениот француски предлог е крајно понижувачки и неприфатлив.

Прифаќањето на овој договор претставува самоукинување на македонската нација, поништување на македонската историја, откажување од македонскиот јазик, со еден збор велепредавство на македонската држава.

Ова не е договор за почеток на преговори за влез во ЕУ, ова е договор за долгогодишна стагнација и блокада на нашата стратешка цел да се приклучиме кон евроското семејство таму каде што ни е местото и каде што географски и цивилизациски припаѓаме. Се сметам за прозападно ориентиран човек, подржувач на социјалдемократска идеологија и европските вредности.

Во текот на мојата политичка кариера искрено, ревносно и силно се залагав за влез во ЕУ и за сите придобивки кои таа ги нуди. Но, не можам да прифатам како Македонец, таму да влезам без свој идентитет, без свој јазик, без право на своја историја и култура и без свое достоинство.

Потврда за овој мој став е и експресното прифаќање на овој предлог од двоецот Радев-Петков (кои имаа екстремно асимилаторски став кон македонската нација), изјавата на бугарската министерка за надворешни работи Генчовска, дека овој предлог ги задоволува сите бугарски барања и изјавата на францускиот амбасадор во Софија (кој е официјално лице и ги изнесува француските ставови) кој потврди дека се работи за истиот предлог кој е малку рафиниран и изрази чудење зошто владата во Скопје го претставува како нов.

Накратко би сакал да го објаснам мојот став анализирајќи го понудениот предлог споредувајќи го со петте искажани ставови (црвени линии) на премиерот Ковачевски, кога истиот беше одбиен во Брисел.

Чиста формулација за македонскиот јазик и јасна заштита на македнскиот идентитет

Овој услов не е исполнет. Во предлогот стои дека во поглед на преводите на актите на македонски јазик ЕУ ќе ги земе во предвид бугарските и македонските унилатерални декларации за македонскиот јазик“ . Тоа значи дека бугарската страна ќе достави своја изјава во која ќе наведе дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.

Исто така македонската страна ќе достави своја декларација во која ќе наведе дека официјален јазик е македонскиот. Но, тоа остава можност во рамки на преговарачкиот процес со ЕУ, различно да се толкуваат декларациите доставени од двете страни, што значи дека немаме чиста формулација за македонскиот јазик. Во документот исто така нема ниеден доказ за заштита на македонскиот идентитет, напротив со другите членови од договорот во текот на преговарачкиот процес нуди можности за оспорување на македонскиот идентитет од страна на Р.Бугарија.

Историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка

Уште една невистина која ни се нуди како вистина. Историјата станува дел од преговарачката рамка преку директно упатување на член 12 од договорот за пријателство и добрососедство помеѓу Бугарија и Македонија повикувајќи се на содржината на се уште непотпишаниот втор протокол за кој министерот Бујар Османи тврди дека е координран со бугарската страна и чека налог од владата за да го потпише.

Во францускиот предлог зборот протокол е заменет со дефиницијата „годишен преглед и мерки за негово ефективно спроведување“(бугарската страна ќе има право постојано да инсистира на исполнување на нивните барања)

Во протоколот јасно се наведени одредбите и темите кои стануваат дел од преговарачката рамка. А тоа се: говорот на омраза, рехабилитација на жртвите од комунизмот, ревизија на учебниците, промената на написите на спомениците и оспорување на идентитетот на македонските историски личности ( Гоце делчев, цар Самоил и др.). Затоа потпишаниот договор за добрососедство во 2017 година во делот за заедничката историја е штетен (ние имаме сопствена автентична македонска историја). Ова остава можност во текот на преговарачкиот процес да се негира македонскиот идентитет и ако не се исполнат радикалните бугарски ставови за историјата. Македонија повторно да биде блокирана. Или народски кажано, треба да играме како ќе ни свират Бугарите.

Преговорите помеѓу Северна Македонија и ЕУ мора да почнат пред отпочнувањето на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата на Уставот.

Во овој дел е направена најголемата измама. За да се задоволат потребите на Македонија измислени се две меѓувладини конференции, што не било досегашна пракса за почеток на преговори со ЕУ на ниедна друга држава. Првата конференција ќе послужи за сликање на владата и отпочнување на скрининг, а суштинскиот почеток на преговори ( но, само откако Македонија ќе ги вметне Бугарите во уставот), е предвиден на втората конференција. Со тоа се задоволуваат бугарските барања, но Македонија повторно ќе се соочи со вето затоа што владата нема обезбедено двотретинско мнозинство за промена на Уставот.

Цврсти гаранции и од Бугарија и од Европската Унија дека Бугарија нема да условува со нови барања, надвор од она што ќе биде договорено во преговарачката рамка и билатералниот протокол кој сѐ уште не е усогласен со Бугарија

Никаде во документот не може да се прочитаат цврсти гаранции од Бугарија и ЕУ дека нема да има понатамошни условувања, напротив однапред се обезбедени само гаранции за исполнување на буагрските барања.

Со прифаќање на францускиот предлог во ваква форма, бугарските услови стануваат целосно дел од процесот на пристапување и добиваат легитимитет во пакетот на документи на ЕУ. Ова за македонската страна е поразително.

Секое решение ќе треба да е консултирано со институциите на Република Северна Македонија.

Не ми е сосема јасно што се подразбира под оваа точка. Ако премиерот мисли на институциите во државата каде владеачката коалиција раководи и има мнозинство (Влада, Собрание, Комисии) тогаш стануваат беспредметни консултациите со истите институции.

За вакво крупно историско прашање, кое може да ја смени историјата на Македонија, кое директно ќе влијае на постоењето на македонскиот јазик и идентитет, може да се консултираат единствено граѓаните преку институцијата Референдум. Но, се прашувам како македонсктиот премиер ќе ги убеди граѓаните дека се Бугари, дека зборуваат бугарски дијалект и дека немаат своја историја, идентитет и јазик.

Поради сето ова погоре наведено, никогаш ама баш никогаш не можам да се согласам и да прифатам ваков предлог. Не верувам дека постои чесен Македонец кој може да прифати вакво нешто.Ова е време невреме за Македонија. Не е време за калкулации и молк. Затоа после долго молчење, чувствувам потреба да го искажам својот став за ова историско и суштинско прашање за македонскиот народ.

Тезите дека ова е последната шанса на Македонија да се приклучи кон европското семејство и дека неприфаќањето на овој предлог ќе предизвикаат меѓуетнички тензии и ќе отворат безбедносни прашања се лага. Секогаш има нов предлог, а ние треба да се избориме преку дијалог со нашите европски партнери истиот да е поволен за Македонија. Дека ако не постои македонски јазик, идентитет и историја ја нема и Македонија.

Ги повикувам претседателот на државата г-дин Пендаровски, премиерот на државата г-дин Ковачевски да кажат одлучно НЕ за овој предлог, да го заштитат својот народ и македонската држава. Впрочем за тоа и се платени.

Горан Минчев (автор е поранешен пратеник и генерален секретар на СДСМ)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk