logo
logo
logo

Менкиноски

Сатирична алузија на Румен Радев

Vecer | 14.10.2021

Сатирична алузија на Румен Радев

Нашиот источен сосед очигледно е во голема паника! Негацијата на Македонците очигледно не е добра и долгорочна политика што им оди во пролог на досегашните бугарски империјалистички политики кон Македонија и Македонците.

Треба веќе еднаш да се напушти погледот дека Македонците и македонското малцинство во Бугарија се непријатели на бугарската држава, сe поочигледно е дека дуваат нови ветришта на меѓународната сцена, но официјална Софија е немоќна да се справи зашто живее длабоко во минатото.

Стравот од промена оди дотаму што претседателот на Бугарија, Румен Радев, дипломатската борба ја сведува на желба на дискретен начин да нe исмее (а не може) и инсинуира со тоа што обврската на бугарската држава за промена на Уставот и законодавството ѝ ја префрла на македонската држава, а правата што треба ги обезбеди и признае кон Македонците во Бугарија, бара Македонија да им ги признае на Бугарите.

Сатирична алузија на Румен Радев, нема што!!! Тој дури и дополнува дека, според него, имало алармантни случаи на дискриминација и „систематско“ кршење на човековите права на граѓаните на Македонија со бугарска самосвест.

Освен „конкретниот“ случај „Ратко“, во Македонија нема ниту еден друг случај на кршење на правото на здружување на граѓаните што се чувствуваат за Бугари. Македонците го надминаа ова искушение и немаат никаков проблем секој да се чувствува онака како што смета и сака.

Фикцијата за промена на историјата и учебниците тука во Македонија се сфаќа само како слабост на бугарската држава која не може да си ги реши внатрешните проблеми и никако поинаку. Но Румен Радев „има сон“, можеби не како Мартин Лутер Кинг, но „има сон“. Да, сатирична алузија на Румен Радев.

Реалноста е поинаква и, за наша среќа, таа не зависи од Радев и заспаната македонска дипломатија.

Впрочем, овие процеси се долгорочни и ефикасни, и не се веќе билатерални, туку се мултилатерални, па така, Комитетот на министри при Советот на Европа на својата последна седница во јуни оваа година укажа на нешто сосема друго!

Комитетот категорично побара од Бугарија да даде приоритет на највисоко ниво за да се овозможи слободата на здружување на обединетата македонска организација „Илинден“ и слични македонски здруженија.

А кои не се малку – во согласност само со пресудите на Стразбур се работи за 17 пресуди со кои се бара да се регистрираат политички партии и здруженија на граѓани од македонското малцинство во Бугарија. За да се реши оваа ситуација, дури и се препорачува и наложува на Бугарија да ги смени и Уставот и законите!

До јуни 2021 година, Бугарија требаше да ги имплементира пресудите на Европскиот суд за човекови права, но таа само достави известување до Комитетот на министри при Советот на Европа дека работи во тој правец, а кога ќе заврши не се знае.

Таа го скри овој извештај од својата јавност, сѐ до моментот кога Комитетот не го етаблира на седницата во јуни оваа година и побара, со оглед на долгогодишната природа на проблемите во оваа група „македонски“ случаи, кои поради игнорирањето на Бугарија го поткопуваат кредибилитетот на механизмот на Европската конвенцијата за заштита на човековите права, Бугарија да даде информации и резултати до 1 декември 2021 година.

Во спротивно, во март 2022 година, вклучувајќи, во отсуство на конкретен напредок, ќе се разгледаат преземање нови дејствија од страна на Комитетот на министри при Советот на Европа за да се осигури дека Бугарија ќе ги исполни своите обврски според пресудите на Судот.

Со дипломатски речник кажано, Комитетот во март 2022 година, во согласност со неговиот статут ќе побара суспензија од членство на Бугарија од Советот на Европа поради непочитување на прифатените принципи на владеење на правото и уживањето на човековите права и основни слободи од страна на секој поединец под нејзина јурисдикција.

Во извештаите за мониторинг за Бугарија, редовно се препорачува дијалог помеѓу претставниците на македонското малцинство и властите, дополнително се констатира дека Бугарија не прави никаков обид за спроведување на препораките во извештаите на Парламентарното собрание на Советот на Европа, комесарот за човекови права, Европската комисија за борба против расизмот и нетолеранцијата и Консултативниот комитет за примена на Рамковната конвенција за национални малцинства за почеток на дијалог со македонското малцинство.

Ваквата сатирична алузија на бугарската политика кон Македонците и Македонија, сега персонифицирана во Румен Радев, е губитничка, зашто и Македонците имаат „сон“, а и меѓународните ентитети како Советот на Европа имаат „сон“ да се почитуваат основните човекови права.

Дилемата е само кој пат ќе го одбере Бугарија, подолгиот или пократкиот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk