logo
logo
logo

Понеделнички

Европјанинот Кастриот Реџепи

Vecer | 14.11.2021

Европјанинот Кастриот Реџепи

Таман ќе помислиш дека дното е допрено, ќе се деси нешто да те демантира. Па, има ли дно македонскава политика? Изгледа нема. Со локланиве избори се пробуди надеж дека и кај нас се мисли со своја глава во политиката, но тоа бил само момент на инспирација.

Рачунав дека Европјаниве и Америве нема да дозволат сред Европа, во Македонија, да се формира картел нарко држава. Заради нивна хигиена, не заради нас. Сега секоја политичка фукара, нарко дилер и лопужа се слика пред ЕУ и американско знаме, ќе каже дека е за евроатлански интеграции, и може заштитен да ебе матер на све и секого наоколу. Може да гласа во Собрание со две раце, и два гласа да му се бројат како Шилегов и тајфата. Може да дилуе по дома и низ Европа, ама ако утера 5-6.000 гласа за ДУИ и СДСМ, на место е...

Ја се уште верувам во западни вредности, и не се надевав дека Вашингтон и Брисел нема да ќутат и аминуваат да се купи, а потоа киднапира пратеник за да не падне владата на Заев, тоа не го очекував. Кои тоа европски и американски принципи, правна држава и политика се бранат со преќутената поддршка за ваков криминал? Како ние, кои сме приврзаници на европската култура, етика и систем на вредности, да веруваме дека Европа постои, и дека е пример за нас?

Случајно ли премиерот на Холандија ден пред гласање недоверба на владата дојде во посета на премиерот во оставка Зоран Заев кој од Европа е оценет за најкорумпирана власт. Ќе ни каже ли што договориле со Заев за да го остават да владее уште некое време? Дали договориле Македонија и Бугарија да запрат со преговорите, и да ја овластат ЕУ да најде решение, а Македонија и Бугарија да се обврзат да го прифатат какво што ќе биде?

“Дечки (од ЕУ) вие решете го ова, а не ние како Северна Македонија. Тоа е работа на

ЕУ...“ изјави холандскиот премеир Марк Руте после средбата со Зоран Заев.

Со тоа ја обврзуваат Македонија да го прифати тоа што Брисел ќе го реши. А Бугарија седи во Брисел. Во Македонија за Македонците решаваат сите освен Македонците.

Во Брисел ќе се протуркаат бугарските интереси и ќе се избрише македонската историја и нација од картата на Европа. А патем, со тоа, ќе се поддржува експлицитна нарко власт, според европските оценки најкорумпирана во Европа. Ќе се поддржува политички прогон на неистомисленици, заробено обвинителство и судство, притисок врз медиуми, рушење правен и економски ситем, плантажите со марихуана на Фамилијата. Создавање остров на мафија сред Балканот.

Опозицијата собра парламентарно мнозинство за уривање на таа, и таква власт, владеење со помош на нарко мафија... Затоа што на граѓаните им е доста од таа корупција.

При здрава свест и добра воља под барањето за пад на оваа влада се потпишаа 61 пратеник. Се потпишаа. Десет дена тие потписи никој од нив не ги спореше, никој не кажа дека се предомислил. На денот на гласање, го нема пратеникот од Беса Кастриот Реџепи... Исчезнал. Без него опозицијата нема мнозинство, Заев останува премиер.

И почнува филмот за малоумни....

Се јавува Кастриот Реџепи, сниман до ѕид, дека нема да гласа затоа што он бил за евроинтеграции, дипломат од ЕУ му рекол во декември ќе сме добиеле датум за преговори и затоа он се откажува од својот потпис. А датумот, според филмот за малоумни, ќе му го дадат само на Заев. Не на Македонија. Без Заев нема датум, е пораката од Кастриот.

Лекомислениот Кастриот Реџепи на Фејсбук пушта слика со својот збунет лик, а зад него европско, македонско и американско знаме. Он ја претставува Европа и САД. Чуди што го немаше албанското знаме, редовен дизајн кога се сликаат нашите политичари Албанци. Со тоа Реџепи ги вовлече САД и ЕУ во овој политички криминал.

Пратеникот Кастриот Реџепи од Беса тврди дека САД и Брисел му кажале да не гласа. Па од кого се плаши и крие, зарем САД и Брисел до толку паднале што еден Реџепи не се чувствува сигурно иако тие стојат зад него, па мора да се крие?

Но, од филмот за малоумни се исечени некои битни кадри кои не ги видовме.

Вака би изгледал скриениот дел од филмот: Кастриот Реџепи е купен од страна на ДУИ, од екипа предводена од чаирското крило на Ахмети. И тоа не му е прв пат, бидејќи работел за ДУИ и во 2017. на тогашните локални избори кога Зекирија Ибрахими од Беса бил во трка со Висар Ганиу од ДУИ, тој работел за ДУИ а против кандидатот на Беса во Чаир. Зекерија Ирахими и Беса загубија во Чаир, а партијта Беса се подели на два дела, по што се создаде уште една нова партија, Алтернатива.

Откако е платен, а платен е уште во фазата на преговори и собирање потписи, оставен е да биде “спијач“ во таборот на опозицијата, да собира и дава информации до ДУИ како тече процесот. Кога е дојден денот тој ја исполнува задачата. Исчезнува, и не гласа. За да не се предомисли, или да им избега сосе наплатеното, ДУИ цел ден во четвртокот, на денот на гласање, го држи киднапиран додека не помине рокот, а потоа е пуштен.

Албанскиот портал Syri net ја открива оваа предавничка улога на Кастриот Реџепи. СДСМ цело време знае што се случува, а нивната Славјанка Петровска на телевизија потврдува дека во СДСМ знаеле каде е Кастриот Реџепи. На прашањето – каде? вели, “на сигурно“.

Иднината на Кастриот Реџепи, типичен увлакач и полтрон по странски амбасади, колега на Артан Груби во холандската амбасада, е неизвесна. На краток рок, он може да премине во ДУИ и да биде заштитен од нивните нарко дилери. Сега е богат, може да даде оставка од пратеник во Собранието и на негово место по редослед доаѓа пратеник од СДСМ а он, елегантно, да се повлече некаде далеку да ги троши парите.

Градоначалникот на Студеничани Азем Садики кој сега е член на Алијанса на Зијадин Села не е така оптимистички расположен. Тој вели дека ДУИ мора да падне, инаку се можни насилства и отворен отпор на граѓани против корумпираните поданици на Али Ахмети.

Беса по втор пат паѓа на политичката сцена заради Кастриот Реџепи. Нивните кои се отцепија во Алтернатива и глумат опозиција три дена по седницата за соборување на владата на Заев најавија – коалиција со Заев и влез во неговата влада за што ќе добијат две министерски места. Три дена откако требаше да гласаат за своите потписи против Заев. Тоа се малите Ѓокици кои си замислуваат политика. Ја има само овде, и накаде низ Европа.

Зоран Заев добро ги познава албанските политичари. Jа имам на ум и неговата изјава објавена во јули 2020. , која ја слушнавме сите: „ Албанскиве политичари пет банки не вредат. Не вредат на пазарот на гласови. Со избори и они ќе се валоризираат….“

Затоа јас не верувам во принципи и зборови на нови и мали партии кои трубат за кули и градови, слободи, евроинтеграции и сите тие бла-бла-бла баења за наивни. Досега, без исклучок, кога и да добиле шанса да се нафатираат, и заборават на се, го направиле тоа.

Кој најмногу загуби, а кој најмногу доби со криминалот во Собрание и киднапирањето пратеник за да опстане владата на СДСМ и ДУИ?

ВМРО ДПМНЕ си ја заврши својата работа, собра 61 потпис за пад на владата, и со тоа покажа дека има поддршка и моќ за организација. Алијанса на Зијадин Села покажа стабилност, ја одржа својата група пратеници единствена, без предавства и поткуп. Левица демонстрираше постојаност и владеење со својата суета кога ги повлече своите потписи за да не се навредел пратеникот од Алетрантива. Беса е пред колапс по предавството од Кастриот Реџепи. Алтернатива оди во скутот на СДСМ и ДУИ и тука ја завршува својата политичка кариера, никој веќе за ништо не им верува.

Еден од најголемите губитници е СДСМ. По ова киднапирање и мафијашко задржување на власта и она малку умерени гласачи кои гласале за нив - ги загуби. Се докажа, и тоа на јавна сцена, дека СДСМ и Заев се киднапирани од ДУИ и работат онака како што нарко мафијата наложува. Никој, освен ДУИ, нарко мафијата и тендерашите, нема интерес власта на СДСМ и Заев да опстане, особено не на ваков начин.

Граѓаните на Македонија се делат на оние кои се срамат од СДСМ и ДУИ, и на другите кои допрва ќе се срамат од нив.

Најголем губитник од сево ова ќе биде Македонија која ќе трпи и понатаму наметната, корумпирана власт и по бугарскиот план ќе ја загуби историјата и идентитетот според решение добиено од Брисел. Голем губитник е и ЕУ која на Балканот му покажа како изгледа европската политика, и зошто на Балканот паѓа рејтингот на ЕУ и Брисел, а политичарите кои ги поддржуваат од Брисел губат на избори и мора преку насилни демонстрации, или со купување гласови па и пратеници да опстанат. Ова се случува во Македонија, но наоколу гледаат и влечат заклучоци за себе.

Кој е одговорот на прашањето: ова ли е таа Европа на која и се надеваме?

(Д.П. Латас, 15.11.2021)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk