За време на прославата на Денот на независноста на полската дијаспора и Полјаците во странство, полскиот претседател Дуда го рече следново: „Нема да има повеќе граници меѓу нашите земји – Полска и Украина. Оваа граница повеќе нема да постои! За да можеме да живееме заедно на оваа земја, да градиме заедно и да ја обновиме нашата заедничка среќа и заедничка сила“.

Ова е прва, јасна порака од полската држава, која ги открива планот и амбициите да се обедини барем дел од Украина со полската држава, за да стане заедничка територија“. Ова оди во прилог на тврдењата, и тоа на западните аналитичари, дека Полска сака да ја искористи војната во Украина за преземање на територии кои, според нив, историски им припаѓаат во западниот дел на Украина, и дека е подготвена и воено да се вклучи во Украина за остварување на тие намери.

Само неколку недели подоцна, по наведената изјава, полскиот претседател Дуда го посети Киев, се сретна со украинскиот претседател Зеленски, по што украинската страна соопшти дека граѓаните на двете земји се договориле со Полска да имаат ист статус… без да прецизира што значи тоа, и врз кој правен основата би се реализирала намерата.

Случајно или не, само еден ден по посетата на Дуда на Киев, се појави вест дека два баталјони Полјаци влегле во Украина, вооружени и испратени во Донбас да се борат на еден од клучните фронтови, во градот Авдевка, во непосредна близина на Доњецк.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Захарова, го опиша процесот, договорот помеѓу Дуда и Зеленски, како јавно предавање на сопствена територија од страна на Украина и Зеленски со која ќе располага полската држава. Тоа е капитулација без војна, заклучи Захарова.

Полска активно влегува во украинската војна, секако со своите интереси, што засега може само да се претпоставуваат, но нема да потрае долго, а покрај патот ќе има знаци на кои јасно ќе се видат полските цели, и која е подготвеност на Украина и Зеленски да им ги стават на располагање плановите на Варшава.

А што се случува, во меѓувреме, во Украина.

Новоформираните проруски власти на украинскиот јужен регион Керсон (кој се граничи со полуостровот Крим) воведоа двојна валутна зона на 23 мај. Рубљата ќе се користи во регионот заедно со украинската валута гривна.

Бизнисите и претприемачите можат да ги стават цените во двете валути. Курсот е 2 рубли за 1 гривни, изјави шефот на воено-цивилната администрација на регионот Владимир Салдо. Покрај тоа, првата филијала на руската банка ќе биде отворена во административниот центар на истоимениот регион, рече Салдо.

Во меѓувреме, властите на друг украински град – Мелитопол – ги презедоа истите мерки како во Херсон, па жителите на градот ќе почнат да добиваат пензии иплати во јавниот сектор во руски рубљи. Инаку, тој е втор по големина град во соседната украинска област Запорожје, со околу 160.000 жители, а под контрола на руските сили се најде уште во февруари. Регионот Запорожје – инаку клучната украинска житница, моментално е околу 80 отсто под контрола на руските сили. Првата руска банка ќе отвори филијали во Мелитопол, а тоа е TsMRBank.

Во исто време, на истокот на Украина, во клучниот индустриски регион на земјата Донбас – продолжуваат жестоките борби меѓу руските и проруските сили од една страна и единиците на украинската армија од друга. Во борбите се вклучени најсилните трупи од двете завојувани страни. Украинската војска, во Донбас, брои над 60.000 војници, а руската страна во тој регион располага со околу 40.000 војници но, и со супериорна техника.

Движењата се дека украинската војска е пред опколување, и главните битки ќе се водат за три града: Авдеевка, Краматорск и Луганск. Доколку овие три града паднат под руска контрола, неизвесно е како и со кој успех, по вакви евентуални порази и загуби, украинската војска ќе се реформира и престрои за третата фаза на војната, нападите врз Запорожје, Миколаев, Дњепропетровск и Одеса. Оваа, трета фаза, се очекува да започне кон крајот на летото.

Руската војска, секој месец, исфрла на фронтот нови оружја а Украина, за тоа време, од Западот добива ново и тешко вооружување. Експертите од двете завојувани страни велат дека оваа, трета фаза, ќе биде најкрвавиот дел од војната по која би можело да следи директен напад врз Киев и Харков, или, зависно од резултатите, ќе има алтернативно статус кво, замрзната ситуација на подлг период, можеби и со години, при што над третина од украинската територија би била под руска контрола.

Затоа, интересно е да се погледне што се случува во западна Украина, во контекст на договорот помеѓу Полска и Украина “за заедничка среќа“.

Полскиот претседател Анджеј Дуда со посетата на Киев беше првиот претседател на странска држава од почетокот на руската интервенција кој одржа говор во Врховната Рада (Парламентот). И Зеленски зборуваше во парламентот, објавувајќи го постигнатиот договор со полската влада за “поедноставување на граничните премини меѓу двете земји“.

Со аплауз на пратениците и силна прегратка со претседателот на Украина Володимир Зеленски, Дуда веројатно ќе се чувствува како победник. Со децении, западниот дел на Украина беше перципиран од Варшава како територија на која Полска има суверено историско право, не само поради малото полско малцинство во земјата, туку многу повеќе поради испреплетените историски околности од и по Првата светска војна.

На 14 март 1923 година, Советот на амбасадори на Антантата одлучи да ја остави западна Украина под полска контрола. Ниту еден од условите под кои Антантата ја донесе оваа одлука (Полска се обврза да им гарантира на Украинците еднакви права со Полјаците и да гарантира национален и културен развој, да обезбеди автономија, да отвори универзитет итн.) тогаш полската влада не го исполни. Според украинските историчари, Украинците всушност ги сметале за луѓе од втор ред, подложни на полонизација и католицизам.

Меѓу другото, затоа растел и украинскиот национализам од антиполска ориентација, кој кулминираше со Втората светска војна во 1943 година, познатиот тридневен масакр на членовите на Организацијата на украинските националисти (под лидерство на Степан Бандера) против Полјаците во украинскиот регион Валин. Омразата на украинските националисти кон Полјаците никогаш не била сокриена ниту пред ниту по настанот, што Полјаците во нивната татковина сè уште добро го паметат.

Во секој случај, само заедничката омраза кон Русија е посилна од омразата меѓу националистите на двете земји, Полска и Украина, и ќе има време за меѓусебно спогодување меѓу Киев и Варшава откако ќе се надмине заедничкиот непријател на омраза – Москва.

На бранот восхит и нова љубов, претседателот на Украина Володимир Зеленски го објави предлог-законот за “посебниот правен статус на полските граѓани во Украина“. Се уште не се познати деталите од законот за новиот статус на Полјаците.

Володимир Зеленски во Врховната рада изјави и дека „украинскиот и полскиот народ одамна психички се единство кое не го раздвојуваат границите“, па лидерите на двете земји „одлучија тоа во блиска иднина да го претворат во соодветен билатерален договор“. Тој исто така нагласи дека „актуелната ситуација во Украина и принуди двете страни да заборават на споровите од заедничкото минато“.

Ден потоа, на средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Сочи, белорускиот претседател Александар Лукашенко се осврна на ова прашање, велејќи дека Полјаците и НАТО сакаат да ја вратат Западна Украина во поранешната состојба од 1939 година.

„Ова е нивната стратегија и за Западна Белорусија. Затоа ги држиме очите отворени“, рече лидерот на Белорусија, земја која исто така има одредени аспирации за украинска територија – и каде белоруските и полските интереси се судираат во некои делови од неа (веднаш околу регионот Волин).

Што се однесува до самата Полска, некои локални медиуми веќе некое време пишуваат дека полското Министерство за одбрана подготвува предлог за мировна мисија на НАТО во Украина. Засега се споменуваат само мировници кои би биле испратени на некоја од териториите на Западна Украина. Сепак, јасно е дека за ова последниот збор ќе го има Вашингтон, кој ќе ги процени ризиците од ескалација на конфликтот со Русија.

Русија не е многу заинтересирана за западниот дел на Украина. Освен што таму нема руско и русофонско население – антируската ориентација, често крајно радикална, традиционално е вкоренета во овие области. Затоа, Русите ќе делуваат во војната на југоистокот, во историјата од времето на руската кралица Катерина Велика познат како област Новорусија. Полска ќе бара начин за контрола на крајниот западен дел од Украина, било со воено учество што е прилично опасно бидејќи е членка на НАТО како формална помош на украинската власт, било со бришење на границите “за заедничка среќа“… А што, на крај, ќе остане од интересите на Украинците?

Vecer.mk