logo
logo
logo

Вечер Тема

Војната во Украина ќе ја реши - Кина

Vecer | 12.03.2022

Војната во Украина ќе ја реши - Кина

Економската размена помеѓу Русија и Кина е во нагорна линија со години, и тој  тренд е потврден и во првите два месеци од оваа година што за Русија сигурно ќе значи олеснување на последиците од економските санкции на Западот.

Трговската размена меѓу Русија и Кина во првите два месеци од оваа година е за 38,5 отсто повисока отколку во исто време минатата година, и достигна 26,43 милијарди долари, објави кинеската царина. Рускиот извоз во Кина, во овој период, вредил 13,8 милијарди долари, додека Кина во Русија извезела стока во вредност од 12,6 милијарди долари.

Што значат овие податоци, особено во светлината на руската воена интервенција во Украина, поради што САД и ЕУ на Русија и воведоа остри економски санкции? Санкнциите од Западот досега не ги поддржаа и применија државите од Азија или Јужна Америка, меѓу нив ни Кина, втората светска економија, по САД.

Овој износ на економска соработка од 26,4 милијарди долари за вкупно два месеци, е најголем од 2010 година. И воопшто, може да се каже дека во последните седум години трговската размена меѓу Русија и Кина е постојано во пораст, освен малиот пад во 2020 година како и поради пандемијата. Кога ќе се погледнат бројките евидентно е дека последните седум години, а тоа се совпаѓа со времето по анексијата на Крим и војната во Украина во 2014 година, Русија плански и интензивно економски се врти кон Азија намалувајќи ја зависноста од европскиот пазар.

Претседателите на Кина и Русија Си Ѓинпинг и Владимир Путин се состанаа во Пекинг на почетокот на февруари годинава, на денот на отворањето на Зимските олимписки игри, и заеднички изјавија дека нивната соработка нема граници по висина, ниту по длабочина, ниту по ширина, што беше јасна порака за тековната состојба и барем блиската иднина на економските и севкупни односи помеѓу двете држави.

Кина стана најголема дестинација за рускиот извоз уште во 2014/2015 година, практично откако САД и ЕУ ги воведе санкциите за Русија поради анексијата на Крим. Последните најави за исклучување на Русија од ММФ и Светската банка поранешниот американски економски преговарач Хари Бродман смета дека нови санкции би можеле да ја охрабрат Москва за понатамошно зајакнување на трговијата со Кина, и тоа трговија која не е извршена во долари.

Русија е една од најмалку задолжените држави во светот, нивниот надворешен долг е помал од 20% од нивниот БДП, а во светската економија учествуваат со околу 2%, па нови кредити не би ја оптеретиле економијата до ниво на болка. А Кина има доволно пари за кредитирање на Русија. Руските девизни резерви се нешто повеќе од 720 милијарди долари од кои, околу 400, им се блокирани во западните банки со најновите санкции за Русија, како одговор за таа мерка, Москва се закани со национализација на странските инвестиции во државата.

Економската соработка помеѓу Русија и Кина е планирана до 2026 година да достигне вредност од околу 250 милијарди долари. Ако во првите два месеци од оваа година овој износ е веќе 26,4 милијарди долари, и ако се претпостави дека ќе остане исто темпо до крајот на 2022 година, тогаш овие 250 милијарди би можеле да бидат надминати уште годинава.

Кинеските големи компании, и државни и приватни, имаат одредена резерва и немаат сигурна претстава за тоа што ќе се случува ако оваа воена криза во Украина трае подолго. Тие стравуваат од понатамошни санкции кон Русија, но уште повеќе од започнувањето на таканаречените секундарни санкции против државите кои имаат економска соработка со Русија, а Кина е најголемата меѓу нив.

Големите кинески компании како Хуавеј и ZTE имаат лоши искуства од таквите американски санкции. Американската и европската економија, заедно, сочинуваат околу половина од вкупниот БДП во светот, но најголем број држави во светот не ги спроведуваат санкциите кон Русија и отворни се економска соработка со нив. Тоа е состојба на судир помеѓу квалитетот и квантитетот на светската економска моќ.

Не се огради од санкциите само Кина, како втора економија на светот, туку и Индија, шестата светска економија, Бразил и Мексико чии економии се меѓу првите десет во светот, како ни Турција и државите од Блискиот Исток, кои се и најголемите производители на нафта.

Руската нафта и гас, освен со блокадата од САД, засега се продаваат секаде низ светот но, тие не се главна економска гранка во Русија, банката на Гаспром не е блокирана и плаќањата одат редовно. Руската економија не е исклучиво зависна од нафта и гас. Нафтата и гасот, според Ростат, сочинуваат нешто повеќе од 15 отсто од БДП на Русија. Од друга страна, Русија им обезбедува на другите земји повеќе цивилни нуклеарни реактори и сродни услуги од која било друга земја во светот. Таа е втор најголем извозник на конвенционално оружје во светот, Русија заработува стотици милиони долари обезбедувајќи услуги во вселенскиот сектор и продава метали во вредност од милијарди долари.

Руската економија стагнира под западните санкции уште од 2014 година, а нејзиниот номинален вкупен домашен производ (БДП) се намали на 1,7 трилиони долари во 2021 година. Од друга страна, кинеската економија оттогаш па наваму постојано бележи респективен раст а таа економија во својата влезна производна компонента во голем дел се должи на повластените цени и услови на енергија и рудни богатства, особено метали, кои Кина ги купува како повластена нација од Русија. Ефтините метали и енергија во голем дел ги прават кинеските производи повеќе курентни на светските пазари.

Кина и Русија одамна се подготвувале за оваа воја во Украина. Веќе пет години тие разработуваат систем за меѓусебно плаќање во јуани, кинеска валута, а не во долари. Кинескиот јуан е петтата валута во кошницата на меѓународните финансиски институции, но се проценува дека тој ќе стане трета валута, зад американскиот долар кој сега се користи за 50 проценти од сите плаќања во светот и зад еврото, веќе во 2030-тите кога ќе го премине удел од околу осум проценти од сите плаќања во светот.

Но, реално, економските интереси на Кина, мерени со бројки, се уште се поголеми кон запад отколку усмерени кон Русија. Билатералната трговија меѓу Русија и Кина лани изнесувала околу 150 милијарди долари, а годинава веројатно ќе биде околу 250 милијарди долари.

Од друга страна, Кина има економска размена со САД во вредност од над 650 милијарди долари, а со ЕУ дури 830 милијарди. Интересите се гледаат низ бројките, а прашањето од милион долари е: како и дали Кина ќе успее да балансира помеѓу зачувување на своите доминантни економски интереси со САД и ЕУ во однос на Русија која е нејзин прв политички, енергетски партнер и стабилен извор на ефтини суровини и енергија во нејзиниот постојан економски раст. Дали ќе дојде денот кога Кина ќе мора да се одлучуи или-или помеѓу веќе остро спрориставените САД и Русија?

Без оглед на теренската состојба и успешноста на генералите, се чини финалето на војната со вистинските последици ќе го реши - Кина. А војната во Украина, во суштина, е војна помеѓу Западот и Истокот, борба за создавање најмалку два центри на моќ во светот наместо сегашниот центар во Вашингтон. Вториот потенцијален центар на моќ не е Москва, туку Пекинг, помогнат од Москва која сега војува за тие цели.

Уште од седумдесеттите години на минатиот век, еден од најумните политичари во новата светска историја, Хенри Кисинџер, поранешен државен секретар на САД (1969-1977) и добитник на Нобеловата награда за мир, создадае и потоа САД спроведуваше доктрина и стратегија дека Кина е најголем потенцијален противник за САД, и со Кина треба да се градат односи на пријателство за да не се поврзе во сојуз со Русија бидејќи, според Кисинџер, сојузот на Кина со Русија е најтешка закана за положбата и интересите на САД во светот.

Кисинџер се појави со свој став и анализа и пред осум години, при тогашната воена криза во Украина и анексијата на Крим. Кисинџер, во 2014-та порача: Украина треба да биде мост помеѓу двете страни, а не дел ниту од Русија ниту од НАТО. Ако Украина се реши да фати страна, војната од поголеми размери е неизбежна, рече Хенри Кисинџер.

Жозеп Борел, секретарот за надворешна политика на ЕУ, по две недели војна во Украина изјави: Згрешивме што на Украина и дадовме лажни надежи за членство во НАТО.

Политичари од форматот и со визијата на Хенри Кисинџер нема во овие времиња во светот.

Vecer.mk

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk