Ивона Талевска, нов главен уредник на ВЕЧЕР

Досегашниот главен и одговорен уредник на Вечер, Драган Павловиќ Латас, се повлече од својата функција на сопствено барање поради зголемен обем на обврски, бидејќи од 1 октомври е професор на Економскиот факултет при Европскиот универзитет Република Македонија.

Латас беше главен и одговорен уредник шест и пол години, од март 2006 година, па се до 1 октомври 2012. Во тој период ВЕЧЕР имаше стабилна финансиска и уредувачка состојба, без ниту еден ден задоцнета плата, и со целосно обновена инфраструктура и редакциски имот од сопствени средства.

Латас останува и понатаму одговорен уредник во ТВ Сител, а во Вечер ќе ја уредува информативната редакција.

Нов главен и одговорен уредник на ВЕЧЕР е Ивона Талевска, досегашен заменик на главниот уредник. Таа е прва жена главен и уредник на ВЕЧЕР во изминатите 49 години постоење на весникот. Ивона Талевска дипломирала политички науки и магистрирала економија на Универзитетот Шефилд во Солун. Во новинарството е од 1995 година, и за 17 години кариера била новинар-репортер, уредник во ТВ Сител и заменик-главен уредник во Вечер. Учесник е на новинарските тренинзи и школи во британската телевизија Би-Би-Си и американската телевизија Ен-Би-Си.

Нов заменик-главен и одговорен уредник е Весна Миќиќ - Божиновска, дипломиран новинар. Во Вечер е повеќе од дваесет години, досегашен помошник на главниот и одговорен уредник.

Најнови вести

Коментари