Секоја година по 200 милиони евра, или повеќе

Заработка до небо: Еве зошто ќе ги затвораат кладилниците

Дури 200 милиони евра уплатиле граѓаните во спортски обложувалници во текот на минатата година. Од Управата за јавни приходи за Фактор потврдуваат дека вкупните уплати на тикети од почетокот до крајот на 2017 година изнесуваат над 12,2 милијарди денари што е безмалку 200 милиони евра. Во услови на тешка економска ситуација, дел од граѓаните на ваков начин се обидуваат да го поминат денот, па и месецот. Се разбира не секој тикет е добитен, туку напротив, а ниту пак добивките се големи оти многу од граѓаните не ризикуваат многу.

Речиси секој ден, скопјанецот Стефан К. уплатува ливче во една спортска обложувалница. Вели дека имал и добитни ливчиња, но има и такви за кои не успеал да ги врати парите или да заработи. Тој е еден од граѓаните кои често одат во обложувалница, други се обложуваат кога има нешто интересно, некои кога има некоја појака еуфорија како на пример светски или европски првенства.

„Јас сум семеен човек и сум вработен, но не можам да се пофалам со висока плата, всушност моите месечни примања се под просекот во државата. Уплаќам за забава, ама и се надевам на добивка оти често ако фатам нешто со тие пари плаќам сметки. Има луѓе кои поголем дел од добивката повторно ја вложуваат", вели Стефан.

КАЈ ГРАЃАНИТЕ ЗАВРШИЛЕ 156 МИЛИОНИ ЕВРА

Но се што е уплата не останува во обложувалниците. Фирмите кои приредуваат игри на среќа во обложувалница во текот на минатата година за исплати на добитни ливчиња потрошиле над 9,6 милијарди денари или нешто повеќе од 156 милиони евра.

Ако се анализира бројот на уплатите пак, соодносот на уплатени со добитни ливчиња е поразителен. Имено, лани во сите македонски обложувалници биле уплатени над 64 милиони тикети, а од нив добитни биле само нешто над 3,6 милиони ливчиња, или само пет отсто од вкупните уплати. Ако се вкрстат податоците за вкупната исплата и добитните ливчиња излегува деко едно ливче носело добивка од само 43 денари во просек.

Сопствениците на обложувалници со кои разговаравме велат дека во последно време имаат помал обем на работа, дека имало години кога било значајно подобро. Сепак ако се анализираат бројките за последните неколку години, вкупните уплати варираат околу 200 до 220 милиони евра.

ЗА УЈП 38 МИЛИОНИ ЕВРА

За добитните ливчиња Управата за јавни приходи задржува и персонален данок на добивка, а данокот го плаќаат самите приредувачи. Така за лани по овој основ УЈП од нив собрала над 38 милиони евра.

„Персоналниот данок за исплати на добивки претставува задржка од брутоостварената добивка од секој поединечен тикет, односно основа за пресметка на данокот е износот на секоја поединечна исплата на добивка намалена за износот на уплатата за таа добивка. Во изминатата 2017 година, обложувалниците по основ на задржан персонален данок на доход од исплатени добивки спрема играчите имаат прикажано обврска во вкупен износ од 2.383.664.973 денари или 38.758.780 евра во денарска противвредност, велат од УЈП за Фактор.

Според официјални податоци од Министерството за финансии осум фирми имаат лиценци за приредување вакви игри и обложување. Сепак тие отвориле по повеќе уплатни места, по повеќе во секоја општина, па така реално има многу повеќе обложувалници.

Во 2014 година вкупниот приход на облжувалниците бил 150 милиони евра, додека во таа година тие исплатиле добивки вредни 140 милиони евра. Во 2015 година вкупните уплати изнесуваат 209 милиони евра.

Поврзани

Најнови вести

Коментари