logo
logo
logo

Волстрит: Америка има ВИСОКИ 35% ШАНСИ ЗА РЕЦЕСИЈА!

Vecer | 22.05.2022

Волстрит: Америка има ВИСОКИ 35% ШАНСИ ЗА РЕЦЕСИЈА!

По големите осцилации на Волстрит, цените на акциите паднаа минатата недела, седми пат по ред, бидејќи инвеститорите стравуваат дека поради високата инфлација, американската ФЕД агресивно ќе ги зголеми каматните стапки, што може да предизвика рецесија.

На Волстрит, Dow Jones се лизна за 2,9 отсто на 31.261 поен минатата недела, додека S&P 500 потона за 3 отсто на 3.901 поен, а индексот Nasdaq 3,8 отсто на 11.354 поени. Падот на индексот S&P 500 и Nasdaq седум последователни недели не е забележан од кризата со dot.com во 2001 година, додека падот на Dow Jones осум последователни недели не е забележан од Големата депресија во 1932 година.

Пазарот е „на игли“ бидејќи се очекуваат натамошни агресивни зголемувања на каматните стапки на Федералните резерви на САД, што би можело да ја втурне економијата во рецесија.

Бидејќи инфлацијата во САД е на највисоко ниво во последните 40 години, над 8 отсто, ФЕД ги зголеми каматните стапки за 0,75 процентни поени од март и се очекува дополнително да ги зголеми за 0,50 процентни поени барем во следните две сесии.

Инвеститорите стравуваат дека поради тоа, но и поради војната во Украина и прекините во синџирите на снабдување, економијата би можела да западне во рецесија.

Аналитичари: 35 проценти шанси за рецесија

Аналитичарите на Goldman Sachs рекоа дека има 35 отсто шанси за рецесија во следните две години, додека инвестицискиот институт Wells Fargo Investment Institute рече дека очекува блага рецесија во американската економија кон крајот на оваа година и почетокот на следната година.

„Реалноста е дека инфлацијата е висока, а каматните стапки растат. Сè додека стапката на инфлација не почне да се забавува, пазарот ќе биде многу нестабилен, што мислиме дека ќе се прошири во поголемиот дел од летните месеци“, рече Тери Сандвен, стратег во U.S. Bank Wealth Management.

Меѓу најголемите губитници беше технолошкиот сектор, кој забележа најголем раст во последните години поради кризите со корона. Но, амбиент со повисоки каматни стапки не е во корист на секторот.

Под притисок беше и малопродажниот сектор бидејќи деловните резултати на трговските синџири покажуваат дека нивните оперативни трошоци растат, додека зголемената инфлација ја намалува куповната моќ на населението.

Поради високата инфлација, зголемените каматни стапки, забавувањето на економскиот раст, војната во Украина и прекините во синџирот на снабдување, S&P 500 падна за околу 18 отсто од почетокот на годината, додека индексот Nasdaq потона за околу 27 отсто.

И на европските берзи цените на акциите паднаа минатата недела, но многу поблаг отколку на Волстрит. Лондонски FTSE индекс се намали за 0,4 отсто, на 7.389 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,3 отсто, на 13.981 поени, а париски CAC 1,2 отсто, на 6.285 поени.

На токиската берза индексот Nikkei минатата недела порасна за 1,2 отсто на 26.739 поени.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk