Владата се сретна со поранешни вработени во „Охис“: Средствата ќе се распределат на доверителите

Владини претставници денеска се сретнаа со дел од поранешните вработени во „Охис“, кои штрајкуваа пред Владата незадоволни од спроведената стечајна постапка, соопшти владината прес-служба.

На средбата, од страна на Владата присуствувале вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за финансии, Драган Тевдовски, министерот задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, Зоран Шапуриќ и генералиот секретар на Владата, Драги Рашковски.

„Двете страни констатираа дека стечајната постапка на „Охис“ е завршена и спроведена од судските и стечајните органи, во процес во којшто Владата немала ингеренции и не била инволвирана. Согласно добиените информации од стечајниот управник, средствата кои се префрлени за купо-продажба на Охис, во периодот кој следи ќе се распределат на доверителите, кадешто спаѓаат и поранешните вработени врз основа на донесени решенија на Судот за утврдени побарувања“, велат од Владата.

Анѓушев во рамки на средбата потенцирал дека Владата го донела Законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претријатија со доминантна сопственост на државата, преку кој се обезбедуваат околу 7.800 денари или 34 проценти од просечната плата на месечно ниво за лица кои имаат остварено преку 15 години стаж во некоја компанија која била во државна сопственост, право кое го користат околу 8.000 лица, меѓу нив и поранешни вработени во Охис.

Вицепремиерот и министрите им порачале на вработените дека Владата не се меша, ниту ќе се меша во судски одлуки, а по коментарите дека кај вработените постојат сомнежи дека во минатото се правеле злоупотреби на службената должност и се оштетувал имотот на „Охис“, а со тоа и имотот на државата, ги охрабриле вработените, сите евентуални злоупотреби и сомнежи да ги пријават и споделат со државните органи кои спроведуваат истражни постапки.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари