logo
logo
logo

Владата наскоро ќе објави конкретни мерки за помош на најранливите категории граѓани

Vecer | 03.10.2022

Владата наскоро ќе објави конкретни мерки за помош на најранливите категории граѓани

Влада за многу скоро време ќе излезе со конкретни антикризни мерки насочени кон најранливите категории на граѓани, како што правеше и од почетокот на кризата и во времето на КОВИД пандемијата, најави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
– Во неколку наврати кажав дека заврши времето на изобилство и со електрична енергија, меѓутоа и со други ресурси. Европа се наоѓа практично во војна на својот континент. Во Украина се води војна. Гледате дека таму практично дневно се влошуваат состојбите и затоа ќе продолжиме во насока на поддршка на најранливите категории на граѓани, истакна Ковачевски на Економскиот факултет при УКИМ во Скопје, каде денеска присуствуваше на првиот час во новата академска година.
Тој потенцира дека замрзнувањето на маржите функционира, но дека импутите, енергенсите, суровините, коишто ги добиваат производителите на основни прехранбени производи ги влечат цените нагоре, што е случај практично во сите држави.
– Сите сме свесни за растечките цени на храната, особено на основните прехранбени производи. Владата направи првични мерки за замрзнување на цените, меѓутоа подоцна со оглед на тоа дека ние сме отворена економија, која што разменува со странство, предолго замрзнување на цените не е можно, бидејќи ќе се јават недостатоци, па затоа преминавме како што преминаа и други држави кон замрзнување на маржите, истакна Ковачевски.
Премиерот потсети дека инфлацијата во ЕУ е на историско највисоко ниво од нејзиното формирање, па централните банки веќе интервенираат со зголемување на каматните стапки за нејзино зауздување, пример што во неколку наврати го направи и нашата Народна банка. Ковачевски потсети и дека овој месец имаше зголемување на пензиите за над шест проценти, што заедно со претходниот раст значи 10 процентно зголемување само во оваа календарска година, додека на годишно ниво, со зголемувањето што ќе следува во март, пензиите ќе пораснат за 16 отсто, а исто така врз основа на договор постигнат со Синдикатот зголемени се платите во образованието за 15 проценти. Тој нагласи дека редовно се одржуваат состаноци на владиниот Економски совет каде што присуствуваат сите ресорни министри од економските сектори, вклучително и министерот за труд и социјална политика, како и дека в среда ќе се одржи состанок на Советот во проширен состав и дека веќе се подготвуваат и листите и категориите на граѓани коишто ќе бидат поддржани со дополнителни финансиски средства од буџетот, со цел да можат полесно да ја пребродат кризата која што ја имаме.
– Местото каде што се носат економски политики е Владата, односно Економскиот совет во проширен состав на Владата. Тој функционира. Во време на короната тој функционираше и сите решенија коишто таму беа предлагани подоцна беа формулирани и преточени во одлуки на комисиите, телата и на седниците на Владата. Тоа е институционалниот начин на којшто се носат одлуки во Влада, истакна Ковачевски.
Тој нагласи дека на состанокот на Економски совет во проширен состав закажан за в среда ќе бидат поканети и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и двајца економисти од оваа партија.
– Тие беа поканети и на последниот Економски совет, меѓутоа не се одважија на таа покана и не присуствуваа. Со нив имаме различни ставови, но јас исклучително ги почитувам, додаде премиерот.
Во однос на барањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за средба за да му „го презентира неговиот концепт за ублажување на последиците од енергетската криза“, Ковачевски потенцира дека не може да стане збор за состаноци во четири очи.
– Вие добро знаете, дека набавките на енергенсите и електричната енергија се одвива преку ЕСМ и сите оние коишто имаат понуди можат да ги достават во секое време во архивата на ЕСМ. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека тој има некакви индикативни понуди за енергенси коишто важеле седум дена. Седмиот ден е среда, дали ќе ги достават до среда, дали постојат такви понуди тоа не знаеме. Во Владата не постои архива во која што може да се предаде каква било понуда. Местото за предлагање на мерки, на концепти итн. е Економскиот совет на Владата во проширен состав на којшто присуствуваат сите претседатели на стопански комори, претставници на академската заедница, економисти од МАНУ, претставници на најголемите компании, претставници на Владата од сите економски ресори и нормално во овој случај и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, којшто исто така доаѓа од секторот на енергетика, односно од Машинскиот факултет, рече Ковачевски.
Премиерот посочи и дека продолжува и субвенционирањето на електричната енергија, потсетувајќи дека се субвенционираат 80 проценти од струјата.
– Она што Владата сега се обидува заедно со стопанските комори, е да се обезбеди електрична енергија која што ќе биде по поприфатливи цени за стопанството, истакна Ковачевски.
Премиерот посочи дека во тек се преговори со соседните земји за обезбедување на енергенси и електрична енергија. Со Србија се преговара да ни обезбеди гас од нивните складишта и доколку се најде начин тој да се донесе во земјава тогаш тука би се произведувала електрична енергија, која што би била половина за Србија, а половина за нас.
– Од српска страна се уште ги испитуваат можностите тоа да се направи. Доколку бидат во можност да го испорачаат гасот да стигне во Северна Македонија, тогаш таа идеја ќе може да се реализира, истакна Ковачевски.
Тој потсети дека со Бугарија се разговара за билатерален договор за обезбедување на електрична енергија по поволна цена од берзанската, но дека и покрај волјата од бугарска страна, за реализација на таквата идеја Софија ќе мора да ги почитува правилата и регулативите на ЕУ во таа сфера, кои ја обврзуваат сите вишоци на струја да ги продава преку берзата.
– Со Република Турција министерот за економија имаше состаноци со компанијата „Ботош“, што е практично е државната компанија што се занимава со електрична енергија и транспорт на електрична енергија во Турција и врз основа на разговорите, коишто се уште не се завршени, треба да видиме која е понудата, колку е количината која што тие можат да ја испорачаат и истовремено се водат разговори за ослободување на прекугранични капацитети за транспорт на таа електрична енергија доколку се обезбеди по цени коишто одговараат на нашето стопанство, рече Ковачевски.
Тој нагласи дека станува збор за сложени операции, на кои се работи деноноќно во овие исклучително тешки услови да се набави електрична енергија и енергенси коишто ќе можат да бидат по цени коишто би биле поприфатливи и пооптимални за нашето стопанство.
– Ние ќе работиме постојано, секојдневно се со цел да се изнаоѓа дневно решение, истакна Ковачевски, додавајќи дека досега Владата нема разговарано со „Газпром“ околу овие прашања.
 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk