„Виталиа“: Дури и ЕУ дозволува минимум концентрација на ГМО, македонските правила се штетни за стопанството

Компанијата „Виталиа“ попладнево се огласи во врска со резултатите од суперанализите на Агенцијата за храна и ветеринарство ГМО (генетски модифицирани организми) во соините шницли од нејзино производство.

Притоа компанијата наведува дека дури и Европската Унија дозволува минимум концентрација на ГМО во храната и сè што е под 0,9 отсто се третира како нон-ГМО.

„Истото законодавство го има и Србија, поради што суровините кои се набавени од страна на нашата компанија се со спецификација согласно ЕУ регулативата и со потврда дека производите се произведени од генетски немодифицирана соја. Со новиот правилник во Македонија донесен пред три години, со кој се забранува какво било присуство на генетски модифицирани организми, Македонија се одалечува од европското законодавство што може сериозно да му наштети на стопанството, сметаат од компанијата „Виталиа“.

Компанијата посочува дека во корист на индустријата и потрошувачите ќе побара хармонизација со европското законодавство затоа што, како што наведува, Правилникот е неконструктивен и ваквите отстапувања само предизвикуваат паника кај јавноста.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари