logo
logo
logo

(Видео) Заев: 70 милиони евра за изградба на фотонапонска електрана во Осломеј

Vecer | 16.06.2021

(Видео) Заев: 70 милиони евра за изградба на фотонапонска електрана во Осломеј

Денес и официјално се потпишуваат договорите за изградба на фотонапонска електрана во Осломеј од 100 мега-вати, рече премиерот Заев на потпишувањето на договорите за изградба на електраната, помеѓу Електрани на Северна Македонија со партнерите Фортис Енержи Електрик од Турција и со Солар про од Бугарија.

Заев подвлече дека станува збор за една од најголемите инвестиции во енергетиката, поточно во обновливите извори за производство на електрична енергија.

„Вредноста на инвестицијата е 70 милиони евра, а ова постапка успешно ја завршивме по пат на јавно -приватно партнерство“, рече премиерот.

Тој објасни дека фотонапонската електрана од 100 мега-вати е конципирана како две постројки од по 50 мега-вати, во кои АД ЕСМ ќе биде јавниот партнер со компанијата Фортис Енержи Електрик од Турција во едната електрана, а во другата електрана со Солар про од Бугарија.

„Двете компании на јавниот повик имаа најдобри понуди. За возврат, приватните партнери на ЕСМ ќе му исплаќаат надоместок за јавното приватно партнерство во износ соодветен на 18% и 18,5% од произведената електрична енергија за час“, посочи Заев и додаде дека заработката на државата според пресметките би се движела до 1,5 милиони евра годишно.

[embed]https://www.youtube.com/watch?v=VAIywZ9kKno[/embed]

Дополнително, рече премиерот, инвеститорите имаат обврска да земат по еден вработен по мега-ват, односно 100 вработени од Осломеј.

Во своето обраќање Заев се осврна и на енергетската транзиција на земјата, за која рече дека е развиен сериозен енергетски стратешки план како една од точките на Акција 21 и во Интервентниот План за инвестиции 2021-2027.

„Одржливата или зелена енергија е меѓу нашите приоритети. За тоа потврдуваат и резултатите, Северна Македонија е на врвот, меѓу шампионите во регионот по раст на обновливи извори на енергија. Само за минатата година го зголемивме производството на енергија од обновливи извори на 827 мега-вати, што претставува раст од 10,1% и е во рамки на светскиот просек на зголемување од 10,3 отсто. До 2030 година следува постепено затворање на термоелектраните, на сите три блока во РЕК Битола и еден блок на РЕК Осломеј. Новите инвестиции во фотоволтаици се 1800 мега-вати ширум државата“, подвлече премиерот и додаде дека дел од процесот на енергетската транзиција и спроведувањето на праведна транзиција (just transition) во енергетскиот сектор, предвидено е воведување на еколошки такси на загадувачите, вклучувајќи ги и нафтените деривати, а во наредните години и еколошка такса на јагленот и производството на електрична енергија од јаглен, во согласност со политиките на Европската Унија и обврските од Парискиот Договор.

„Средствата од овие еколошки такси ќе бидат исклучиво наменети за дополнителни проекти за зелена енергија. Донесовме Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година, во која се предвидени три сценарија, основно, умерено и зелено сценарио. Добивме поттик од невладиниот сектор и од меѓународните организации, да го имплементираме зеленото сценарио, што значи поголеми инвестиции во чиста енергија, обновливи извори на енергија, затварање на термоелектраните на јаглен, инвестиции во енергетска ефикасност. Праведната транзиција меѓу другото значи и тие што загадуваат да плаќаат пенали, со цел да се обезбедат средства во Буџетот за успешно спроведување на праведната транзиција“, заклучи Заев.

Генералниот директор на Електрани на Северна Македонија, Васко Ковачевски, истакна дека договорот за јавно приватно партнерство ќе биде во траење од 35 години, после што приватниот партнер е обврзан да го пренесе правото на сопственост на фотонапонските електрани на јавниот партнер, односно АД ЕСМ и да ги предаде во фактичко владение во исправна оперативна и погонска состојба.

 

makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk