Зоран Заев ја распродава Македонија. Со новиот предлог закон земјоделското земјиште со кое што се овозможува продажба на државното земјоделско земјиште на домашни и странски лица ја остава државата без земја, а вистинските земјоделци кираџии, изјави на прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Цветан Трипуновски.

„ Според законот кој го предлага Заев државното земјоделско земјиште ќе може да се купува по цена од едно евро за метар квадратен и тоа за земјиште од 1 и 2 класа, земјиштето од 3 и 4 класа ќе биде со почетна цена од 0.5 евра, а земјиштето од 5 до 8 класа по цена од 0.2 евра за метар квадратен. Ова се почетни цени, кои може да бидат уште пониски доколку на првиот, вториот или третиот оглас никој не се јави за купување“ рече Трипуновски.

Според него, Заев буквално ќе овозможи најубавите парцели на земја, најплодната македонска почва да се распродава по багателни цени.

„ Имено со предложеното законско решение владата односно министерството си дава за право со непосредна спогодба и тоа во четири очи да продава земјиште за стратешки цели по едно евро за м2. Замислете едно евро за метар квадратен на стратешки инвеститори“ истакна тој и додаде дека со законот власта става ограничување и за вистинските земјоделци кои што живеат од земјиштето.

Трипуновски објасни дека на продажба ќе бидат ставени големи површини за продажба но кои се неекономски исплатливи за македонските земјоделци, бидејќи, како што вели, Заев со погубните политики изминативе години ги довел до питачки стап.

Тој обвини дека целата земја ќе се земе од крупните олигарси и странци со сомнителен капитал, а вистинските земјоделци ќе бидат кираџии на сопствената земја во сопствената држава.

„ Со овој закон Заев креира ситуација неколку луѓе моќници да можат да го приграбат целото земјоделско земјиште во Република Македонија. Па така земјиште ќе може да купат моќници со сомнителен капитал, но не и чесните земјоделци од Василево, Долнени, Лозово односно македонските земјоделци“ рече Трипуновски.

Тој предупредува дека овој закон е штетен за иднината на државата но и за иднината на македонските земјоделци и како партија бараат веднаш да биде повлечен од процедура.

makfax.com.mk