Видео обраќање на Мицкоски: Ветувањето за просечна плата од 500 евра нема да се оствари

Просечната плата доживеа пад и е резултат на неспособноста на Владата. Ветувањето за просечна плата од 500 евра нема да се оствари. Ова го изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во видео обраќање.

„Нема поголем доказ за економското цунами на владата од падот на просечната нето исплатената плата. И официјално просечната плата од 500 евра е лажно и недостижно ветување на премиерот Заев и владата. Розевата слика за која говори премиерот Заев и економските министри не постои, таа е лажна. Доказ за тоа е дијаграмскиот приказ на нето исплатена просечна плата во Република Македонија во првиот и вториот месец.  Оваа компаративна анализа кажува дека просечно нето исплатената плата во вториот месец е за 867 денари помала од таа што била исплатена во првиот месец, или е намалена за цели 3,6 проценти“, рече Мицкоски во обраќањето.

Додаде дека вртоглав пад е забележан и во неколку други клучни сектори, меѓу кои рударството и секторот уметност, забава и рекреација. Во рударството, како што рече Мицкоски, просечната нето исплатена плата во вториот споредена со првиот месец е помала за 9,9 проценти, а во секторот уметност, забава и рекреација просечната нето исплатена плата во вториот споредена со првиот месец е за цели 26,4 проценти помала.

Како сектори во кои е намалена платата, дополнително Мицкоски ги посочи и земјоделието, транспортот и снабдувањето со електрична енергија.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари