Според пратеничката од СДСМ Даниела Марковска, владата продолжува со реализација на мерките што имаат за цел намалување на невработеноста и санирање на последиците од коронакризата врз економијата.

Марковска потсети дека повторно се објавени јавните повици за најатрактивните програми и мерки од Оперативниот план за вработување за 2021 година, за кои граѓаните во изминатиот период покажаа најголем интерес.

„Граѓаните и работодавачите имаат уште една дополнителна шанса да аплицираат за програмата Самовработување, мерката Субвенционирање, мерката Практиканство, мерката Обука на работно место кај познат работодавач, како и мерката Јавни работи. Мерките од Оперативниот план обезбедуваат поддршка за креирање на нови работни места и зголемување на вработливоста на невработените лица, особено на младите, долгорочно невработените и корисниците на гарантирана минимална помош“, истакна пратеничката од СДСМ.

Таа додаде дека за прв пат е објавен и јавен оглас за Обуките за развој на дигитални вештини кои ќе опфатат 400 невработени лица и ќе ги надградат нивните вештини што ќе значи и зголемување на нивната конкурентност и побрза интеграција на пазарот на трудот.

Јавните огласи, како што беше соопштено, се отворени до 28 мај а граѓаните, невработените лица и работодавачите, ќе имаат можност да конкурираат во 30-те Центри за вработување низ државата.

makfax.com.mk