(Видео) Царовска: Се намалува старосната граница за пензионирање на рударите

Владата на денешната седница усвои измени и дополнувања на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со кои се намалува старосната граница за пензионирање на рударите. Измените наскоро ќе бидат доставени на гласање во Собранието, а ќе почнат да се применуваат од почетокот на идната година.

„Согласно ветеното во програмата за работа, Министерството за труд и социјална политика преку Владата на Р.Македонија изготви законско решение со кое рударите ќе можат да остварат право на старосна пензија со навршување на 40 години пензиски стаж за мажи, односно 35 години пензиски стаж за жени. Тоа значи дека ако сега рудар се пензионира со навршени 58 години, со новото решение ќе се пензионира на околу 50 години. Со овие законски измени се излегува во пресерет на долгогодишните барања на рударите и исправаме една голема неправда“, изјави министерката Царовска.

Со прeдлог измените и дополнувањата на Законот за пензиско и инвалидско осигурување се овозможува на осигурениците кои работат на работни места на кои стажот на осигурување им се смета со зголемено траење, да им се намалува возраста за пензионирање пропорционално на времето поминато на работа со бенефициран стаж.

Министертсвото за труд и социјална политика ќе продолжи со ветените активности во делот на бенефицираниот стаж за што веќе е подготвена анализа со поддршка на Светска банка, а ќе се прави и ревизија на сите работни места за кои стажот на осигурување се смета со зголемено тарење.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари