Владата на Република Северна Македонија континуирано работи на подобрување на условите за живот на граѓаните во целата земја, врвен приоритет ни е да го поттикнеме рамномерниот регионален развој, а за да успееме во тоа, треба и мора да се работи на подобрување на основните услови за живот, посочи вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, кој заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Аријанит Хоџа денес го посетија ЈП за извршување на водостопански услуги „Хидросистемот Злетовица“ во Пробиштип.

По одржаниот состанок со надлежните, вицепремиерот Битиќи и министерот Хоџа, извршија и увид на „Зафат 3“, зафатна градба за водоснабдување на Штип, Свети Николе, Лозово и Карбинци, и нагласија дека хидросистемот Злетовица е значаен ресурс, на кој Владата обрнува особено внимание и ќе работи посветено за да ги исполни сите функциите за кои е наменет.

https://www.youtube.com/watch?v=RpLMLUlo0wA

“Првата фаза предвидува стабилно снабдување со вода за пиење за околу 100 илјади жители во општините Пробиштип, Штип, Свети Николе, Лозово и Карбинци. Во моментов вода за пиење од овој систем користат општините Пробиштип и Свети Николе. Дозволете да потсетам дека во 2019 година со поддршка на Владата на Република Северна Македонија и поддршка од Владата на Република Словенија, инвестирани беа 1,2 милиони евра со кои снабдувањето со питка вода за граѓаните на Пробиштип е навистина подигнато на едно високо ниво и се овозможи проток на питка вода од 100 литри на секунда. Владата и МЗШВ планираат дополнителни 6,5 милиони евра, за да преку хидросистемот Злетовица го подигнеме квалитетот за снабдување со вода за пиење и на останатите четири општини: Свети Николе, Штип, Лозово и Карбинци. Веќе се во тек градежните активности за зголемувањето на капацитетот на водоснабдување на Штип на 300 литри во секунда, како и за обезбедување на проток од 40 литри на секунда во општина Карбинци, додека за општина Лозово и Свети Николе се започнати тендерските процедури и набрзо ќе се избере изведувач на работите. Навистина водата е основен ресурс и секој граѓанин, независно каде живее мора да има стабилно и квалитетно снабдување“, нагласи вицепремиерот Битиќи.

makfax.com.mk