Комората на извршители оценува

Треба да се намали бројот на извршители, но не и тарифата за наплата

Драстично е намален и бројот на извршни предмети кои се однесуваат на долгови за комунални сметки на граѓаните, стари повеќе години, па и деценија, па последните предмети од комуналната сфера кои доаѓаат кај извршителите се стари година, година и пол, вели претседателот на Комората на извршители на Македонија (КИРМ), Зоран Петрески.

Треба да се намали бројот на извршители во државата, но не и тарифата што ја наплатуваат, сметаат во КИРМ.

Според претседателот на Комората, Зоран Петрески, причина за ваквото размислување е драстично намалениот обем на работа во првите три месеци од годинава и падот во наплатата.

- Во однос на лани имаме намалена наплата и одредено намалување на бројот на предмети, прилично намалување. Ова се случува континуирано во последниве две-три години и нашата констатација е дека превентивната функција на извршувањето е на сцена, практично функционира. Тоа значи дека можеби е време да се размислува за намалување на бројот на извршителски места во Република Македонија, вели тој, појаснувајќи дека граѓаните, фирмите и државата станале свесни дека ако не си ги платат долговите на време, долговите ќе бидат дадени на извршување.

Петрески информира дека драстично е намален и бројот на извршни предмети кои се однесуваат на долгови за комунални сметки на граѓаните, стари повеќе години, па и деценија, додавајќи дека голем дел од нив биле проблематични проади извршноста.

- Големиот наплив на комунални предмети дојде по преземањето на старите судски предмети кои стоеја по судските депоа по неколку години, па и деценија и тоа направи сеопшт шок кај граѓаните. Одеднаш се појавија долгови стари повеќе години, кои граѓаните веројатно ги заборавиле. Трендот е во намалување и последните предмети од комуналната сфера кои доаѓаат кај извршителите се стари година, година и пол, вели Петрески, кој смета дека помирен период граѓаните ќе имаат и со акцијата на Владата за отпис на долговите.

Инаку, во Македонија има 99 извршители, а предвидената бројка е 135. Зголемувањето или намалувањето на бројот на извршители зависи од повеќе параметри, меѓу кои бројот на предмети и обемот на наплата.

- Бројките покажуваат дека бројот треба да се намалува, зашто зголемувањето настана во 2008, 2009, 2010 година, кога трендот на наплата и на предмети имаше нагорна линија. Сега трендот е обратен, појаснува тој.

Тарифата за наплата досега е неколку пати намалувана, па извешителите сметаат дека веќе нема простор за такво нешто, бидејќи според нивната оценка токму намалената цена е причина за драстичниот пад на приходите, вели тој. Како аргумент за тоа го посочува податокот дека во моментов извршителите во своите канцеларии имаат 605 вработени и плаќаат над 5.000 квадратни метри деловен простор кој е приватен, но во функција на државата, така што, како што вели, таа машинерија подразбира и потреба од финансиски средства.

Тој ги советува граѓаните ако сакаат да си ги намалат трошоците веднаш да реагираат кога ќе дознаат дека им се заканува присилна наплата.

- Треба да се размислува во насока дека при првиот повик на извршителот или при првата информација дека одреден предмет е на извршување, граѓанинот треба да се јави во извршителската канцеларија. На тој начин ќе се избгнат големите трошоци. Ако се јави во првиот момент, трошоците ќе бидат за една, односно за две третини помали, отколку ако се јави шест месеци или една година по информацијата дека предметот е кај извршител, советува претседателот на КИРМ.

Забелешките во последниот извештај на Народниот правобранител, според кои извршителите работеле незаконски кога блокирале сметки на корисници на социјална помош, за Петрески се неосновани.

Тој објаснува дека блокирањето на сметката без известување на должникот е законска обврска на извршителот и самата блокада не значи дека ќе се земат сите пари. Ако должникот дојде кај извршителот и докаже дека парите му се од социјална помош, тогаш веднаш ќе биде одблокиран и сите пари ќе му бидат вратени. Ако парите на сметката се од плата, ќе се блокира само една третина. Доколку пак должникот докаже дека веќе е блокиран на една третина од плата, парите од следната блокада ќе му бидат вратени.

- Во овој дел апсолутно немаме проблеми. Отприлика во Комората имаме 200 до 300 претставки во текот на годината, но за вакви работи воопшто нема проблеми. Имаме повеќе проблеми од доверителите во поретставките, отколку од самите должници, вели Петрески.

(С.Ву.)

Фото: Д.Митрески

 

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари