Тевдовски: Во моментов не се подготвува ребаланс

И покрај најавите, Владата во моментов не работи на ребаланс на буџетот, изјави министерот за финансии Драган Тевдовски. Тој напомена дека приходната страна од буџетот е во добра кондиција поради што сè уште нема потреба од ребаланс, иако постојано се прават анализи.

Извозот и странските инвестиции се движат во нагорна линија. Единствената негативна ставка во капиталните инвестиции, според Статистика, во април веќе почна да бележи позитивни резултати.

За неколкукратните најави за ребаланс, Тевдовски објаснува дека се нормална реакција, со оглед на притисокот што го имаат министрите. Доколку не ги трошат парите за предвиденото, вели, ќе им бидат одземени.

Друга ставка што е значајна за реализација на проектираниот економски раст е поттикнувањето на домашните фирми да инвестираат. За таа намена веќе се обезбедуваат пари од европските фондови. Денеска, преку ЕБОР обезбедени се 10 милиони евра, пари што малите и средни претпријатија ќе може да ги користат во форма на грантови во висина до 15% од нивните реални инвестиции.

Малите и средни претпријатија во државава чинат 99% од вкупниот број фирми. Притоа, заслужни се за околу 75% од работните места во земјава и учествуваат со две третини во бруто домашниот производ.

Поврзани

Најнови вести

Коментари