Тевдовски: Повисоката наплата на даноци е поттикната од повисоките плати и поголемата добивка на фирмите

Наплатата на даноци и придонеси заклучно август е повисока за 120 милиони евра во однос на минатата година. Ова укажува на поголема економска активност, односно поголема добивка на фирмите, повисоки плати и нови работни места, смета министерот за финансии Драган Тевдовски.

Министерот посочи дека даноците и придонесите пораснале за 7% во однос на минатата година. Според него, ова значи продолжување на позитивниот тренд во однос на второто тримесечје годинава, кога економијата постигнала повисок раст на БДП од 3,1%.

„Ова се должи во голема мерка на растот на данокот на добивка, чија наплата е подобра за 25% во однос на лани или за околу 35 милиони евра. Тоа укажува на зголемена активност на фирмите. Исто така има раст на придонесите на 7% укажува дека трендот на раст на плати и нови работни места продолжува и после второто тримесечје. Имено, високата наплата на придонеси во првото полугодие од годинава е поврзано со растот на платите за 5,6% и растот на бројот на работни места за околу 10.000 нови“, вели министерот за финансии.

Тој додава дека сервисирањето на обврските од државата се одвива непречено.

„Обврските се покриваат редовно. Повратот на ДДВ кон фирмите е навремен и неселективен. Од почетокот на годината до крајот на август, во стопанството се вратени 250 милиони евра поврат на ДДВ. Во август имавме извршено најголем поврат во последните години, во износ од 44 милиони евра. Ако се анализира увозот, во периодот од јануари-јули 2018, најголем раст од 19,7% се забележува кај секторот машини и транспортни уреди“, изјави Тевдовски.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари