Сугарески: Преговараме за нов рок и за дополнителни трошоци за автопатот Кичево-Охрид

Во тек на преговорите со кинески „Синохидро" за продолжување на рокот за изградба на автопатот Кичево-Охрид со анекс договор, што се почнати пред неколку дена, ќе се утврдат и дополнителните средства за изградбата врз основа на точна пресметка од надзорот на работите и останатите релевантни институции, информира денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Како што потенцира, со анекс на договорот треба да се утврди нов рок со оглед дека нема да биде запазен рокот со сегашниот договор - јануари следната година.

Сугарески рече дека не сака да ги коментира информациите во јавноста за дополнителните средства за изградбата на автопатот поради направените грешки и пропусти и најави дека ќе се утврди точен и транспарентен износ.

- Уште пред неколку месеци јасно кажав. За сите грешки и пропусти што се направени очигледно е дека автопатот Кичево - Охрид изискува дополнителни финансиски средства. Меѓутоа да не шпекулираме околу цифрите, треба кристално јасно утврдена цифра и транспарента која граѓаните ќе ја знаат, изјави Сугарески одговарајќи на новинарски прашања, при пуштањето во употреба на првата бензинска станица на „Галф оил" во Скопје.

Изградбата на автопатот Кичево -Охрид, во должина од 57 километри, почна во мај 2014 година, а според сегашниот договор, вредноста на проектот изнесува 374 милиони евра.

Со анекс договор, што беше потпишан вчера во Владата, до 30 септември следната година се пролонгираше и рокот за изградба на автопатот Миладиновци-Штип, а кој требаше да биде готов до мај оваа година. Со „Синохидро" е договорено до 15 февруари следната година да нема меѓусебно наплаќање пенали со Јавното претпријатие за државни патишта. Изградбата на автопатот Миладиновци-Свети Николе Штип, во должина од 47 километри, чини 206 милиони евра.

Поврзани

Најнови вести

Коментари